„Јас и Мицкоски остваривме една средба. Во најголем дел го потврдиме тоа што тие (работните групи, н.з.) претходно го усогласија. Имавме и политичка координација во партијата. И денеска сме тука каде што сме, чекор пред влез во Влада“, вели лидерот на Движењето ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово
Мој предизвик не е функцијата, имам преземено обврска кон граѓаните на Куманово. Излегов и пред граѓаните на Македонија, добив поддршка која е за респект. Им се заблагодарувам на сите граѓани.
Ова вечерва во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 го изјави лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на прашањето дали ќе остане градоначалник на Куманово, или, пак, во идната Влада ќе седне на некоја од министерските позиии.
„Движењето ЗНАМ ќе продолжи согласно програмските определби, да се обиде да ги импелментира сите тие ветени работи во програмата. Јас како градоначалник да го довршам мандатот, тоа што го ветив на кумановчани да го реализирам. Но, ниту во еден момент нема да престанам да мислам на сите граѓани на нашата држава и да го давам својот придонес во Движењето ЗНАМ“,
рече тој.
За него, како што рече, секогаш функцијата била во втор план, а она што е важно е државата да се придвижи напред, да направиме функционална држава, која ќе биде во служба на граѓаните.
„Како тоа? Со добра владина програма“,
вели Димитриевски.
На новинарското прашањето околу преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и дали не барале многу или лесно биле прифатени нивните услови, Димитриевски дека голем број нивни идеи биле веќе претставени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа, според него, го потврдува и тоа што веќе долго време во политиката левите одат десно и десните лево.
„Разговаравме врз база на платформата која им ја понудивме, ја прифатија во целост. Помалку е битно каква ќе биде имплементацијата на власта, во делот на тоа кој колкав број ресори ќе преземе да води. Повеќе битно е што тоа ние суштински ќе реализираме кон граѓаните“,
вели лидерот на ЗНАМ.
За тоа дека преговорите меѓу Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ се одвивале брзо, за два-три дена, тој рече дека тие се мала флексибилна партија, а разговорите ги воделе нивниот генерален секретар и двајцата попретседатели, а од другата страна двајца потпретседатели.
„Тие ги отпочнаа преговорите. Јас и Мицкоски остваривме една средба. Во најголем дел го потврдиме тоа што тие претходно го усогласија. Имавме и политичка координација во партијата. И денеска сме тука каде што сме, чекор пред влез во влада“,
рече Димитриевски.
Кога може да се очекува финализација на договорот, Димитриевски рече дека сега чекаат мандатарот да го добие мандатот за формирање на следната влада и да се потврди тоа што досега е разговарано.
„Остануваме на нашите платформи, согласно она што го баравме на изборите и ќе продолжиме како иден партиципиент во Владата, доколку имаме целосно усогласување. Каков ќе периодот, тоа зависи од самиот мандатар. ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу мандати. И тоа е за почит. Сега одиме чекор по чекор во делот на она што значи составување на она што значи законодавен дом, извршна власт и сериозни реформи во сите останатити власти“,
вели тој.
На прашањето дали Министерството за правда и Министерство за адмистрација ќе бидат тие што ќе ги предводат кадрите на Движењето ЗНАМ, Димитриевски рече дека се разговарало за поголем број ресори, зашто, како што рече, се подготвени да влезат со својот капацитет и своите кадри во голем број на ресори.
„Секако еден од двата ресори за кои ме прашувате се и овие ресори. Имаше и предвремени шпекулации. Имаме капацитет и за правда и за многу други големи министерства. Тоа ќе зависи од конечниот договор. Доколку ЗНАМ добие поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведеме реформи во она што значи независна судска, обвинителска власт“,
вели првиот човек на ЗНАМ.
Димитриевски рече дека не би зборувал за имиња на идните министерски ресори, кои би ги дале во рамките на она што би било финален договор, во делот на заменик-министри, државни секретари, второ, трето и четврто ниво на власт.
„Ќе се обидеме да исцрпиме професионални кадри во пониските ешалони на власта. За заменик-министрите ќе одлучуваат партиските органи и тела“,
вели тој.
На прашањето зошто се одлучил да влезе во владата, а не да биде во опозиција и да има критички осврт кон власта, според Димитриевски, многу е лесно да се напаѓа, а тешко е да се работи, а на земјата сега и е потребна работа.
„Политички некоректно е да останете по страна и да ги оставите тие кои де факто победија на овие избори да бидат уценувани и да висат за неколку места. Потешко е да сработите конкретни проекти“,
рече тој.
Во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ има 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ има 14, а Левица и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ по шест пратеника.