Поплава на Халкидики: Ситонија под вода, евакуирани туристи

По поројните дождови повеќе делови од Грција се поплавени. На Халкидики најмногу проблеми има на Ситонија, каде се поплавени куќи и други објекти, јави дописникот на МИА.
Во Никити на Ситонија поплавени се патиштата што предизвика проблеми во сообраќајот. Реката Агиос Николаос се излеа од коритото.
Евакуирани се гости од неколку хотели додека десетина автомобили се оштетени.
Во делот на Ситонија кај Неос Мармарас нема големи последици од поројните дождови.
Невремето ја погоди и областа Тесалија каде се поплавени 50-на куќи додека неколку патишта се под вода.


Поплавите ја погодија и Лариса. Заменикот градоначалник Василис Лециос изјави дека во областа има голем број оштетени улици и патишта.
Голем дел од плажите на грчкиот остров Евија се под вода, јави грчката државна телевизија.
Во Никити на Халкидики, поради невремето и поплавата еден автомобил заврши во морето, за среќа, без да бидат повредени двајцата патници.


Како што јави дописничката на МИА од Атина, особено сериозна е ситуацијата во Мандра во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина, каде што во ноември минатата година во поплавите, животот го загубија над 20 лица. Противпожарната служба интервенираше за да спаси граѓани заглавени во нивните автомобили, но и на нивните тераси.
Стариот автопат Атина-Коринт од вчера е затворен за сообраќај.
Со оглед на тоа дека засега запреа врнежите од дожд, се очекува дека ќе се стабилизира ситуацијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.