Поради повреда Скалвини отпадна од тимот на „Аѕурите“ за ЕУРО


Италијанскиот дефанзивец Џорџо Скалвини ќе го пропушти Европското фудбалско првенство кое започнува на 14 јуни во Германија, откако ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено, објавија во неделата италијанските медиуми.

Скалвини се повреди при поразот на неговата Аталанта со 2:3 на домашен терен од Фиорентина во неделата. Тоа беше одложениот последен натпревар во сезоната, кој се играше една седмица по завршувањето на сезоната 2023/24 во Серија А за другите клубови.

Дваесетгодишниот Скалвини беше заменет во 84. минута и го напушти теренот поткривнувајќи и со болки со помош на двајца членови на медицинскиот тимски персонал. Самиот Скалвини го повреди коленото обидувајќи се да ја пресретне топката. Веднаш бил пренесен во болница каде што првите тестови покажале кинење на предните вкрстени лигаменти, пренесуваат италијанските медиуми.

Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини на прес-конференцијата по натпреварот потврди дека Скалвини веднаш бил однесен на магнетна резонанца.

„Да се ​​надеваме дека не е најлошото – вкрстените лигаменти. Динамиката на повредата не е најдобра”, додаде Гасперини.

Ниту клубот, ниту италијанската репрезентација не потврдија колку долго ќе паузира Скалвини.

Италијанските медиуми објавија дека дефанзивецот на Јувентус, Федерико Гати е веројатна замена за Скалвини, кој би бил најмладиот играч во тимот на Лучијано Спалети.

Повредата на Скалвини доаѓа откако дефанзивецот на Интер, Франческо Ачерби, во четвртокот се повлече од прелиминарниот тим од 30 играчи на Италија поради болки во препоните.

Италија е на ЕП во групата Б со Хрватска со која ќе игра на 24 јуни. „Аѕурите“ ќе го отворат континенталното првенство на 15 јуни против Албанија, а потоа ќе играат против Шпанија пет дена подоцна.

Пронајдете не на следниве мрежи: