Несреќата се случила околу 17:30 часот на патот Варна-Добрич кога пред службеното возило во кое се превезувал Петков од спореден пат излетал друг автомобил, по што настанал судирот. Во цивилното возило патувале маж и жена на возраст од околу 60 години. Мажот починал, а жената и возачот на службеното возило се повредени
Едно лице загина, а двајца се повредени во сообраќајна несреќа во која учествувал автомобил во кој се превезувал поранешниот бугарски премиер и копретседател на партијата Промените продолжуваат, Кирил Петков, јавува дописникот на БГНЕС од Варна. Кирил Петков не е повреден во инцидентот.
Автомобилот со кој се движел поранешниот бугарски премиер заедно со уште три лица бил во сопственост на Службата за национална безбедност. Несреќата се случила околу 17:30 часот попладнево на патот Варна-Добрич кога пред службеното возило во кое се превезувал Петков од спореден пат излетал друг автомобил, по што настанал судирот. Во цивилното возило патувале маж и жена на возраст од околу 60 години.
Мажот кој управувал со возилото починал на самото место, а жената, на возраст од 58 години, во тешка состојба е пренесена в болница. Од болницата „Света Ана“ во Варна каде што е хоспитализирана информираат дека засега не може да се каже оти нејзината состојба не е животозагрозувачка.
Во истата болница е пренесен и 37-годишниот возач кој управувал со возилото на Службата за национална безбедност. Неговата состојба е стабилна.
По несреќата, Петков се огласи на социјалните мрежи и изрази сочуство до роднините на починатиот.
„Искрено сочувство до неговата ќерка, семејството и роднините. Ќе се обидам да стапам во контакт со нив утре и да им помогнам за што и да треба. Ќе ја паузирам кампањата додека не бидам сигурен дека сè што можам да направам за да им помогнам на жртвите и семејството е направено“,
напиша поранешниот бугарски премиер на социјалните мрежи по сообраќајната несреќа попладнево.