Земјава и денеска ќе биде под влијание на топол бран со високи температури од портокалова (алертна) фаза.
Надлежните апелираат да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, да се ослободат од работните обврски најранливите групи, вклучувајќи ги бремените жени, како и лицата на возраст над 60 години, а децата од градинките да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот.
Препораките за заштита на Министерството за здравство се согласно најавите на УХМР. Од Министерството апелираат единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од МЗ ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Министерството воедно потсетува на општите мерки за заштита до кои треба да се придржуваат граѓаните, особено во овие екстремно топли денови.
-Да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, укажува Министерството за здравство.
На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираше дека е можно топлата воздушна маса која носи прекугранична прашина да биде причина за благото зголемување на концентрациите на ПМ 10 честичките.
Се претпоставува дека станува збор за пустински ветер кој може да продолжи и во наредните денови.