Документарниот филм „Нечиста крв“, во продукција на Истражувачката репортерска лабораторија, откри низа прекршувања на основни човекови и уставно загарантирани права, како и целосно затајување на системот, кој е должен да превенира и да ги заштитува граѓаните од злоупотреби. Со оглед на бројните пријави од граѓани, кои пристигнаа во ИРЛ по емитувањето на документарниот филм, а имајќи предвид дека правното процесирање на случаи не е во доменот на една медиумска редакција, ИРЛ воспостави соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници. Целта на оваа соработка е воспоставување заеднички и систематизиран пристап кон соодветно процесирање на пријавите од граѓаните чие здравје и права како пациенти биле грубо загрозени од здравствените установи, приватни и јавни, како и особено од отсуството на суштински надзор врз нивната работа од страна на надлежните институции.
Иако случаите со прекршување на здравствените права се континуирано присутни во нашата секојдневна пракса, ковид-пандемијата извади на виделина длабоки системски проблеми, кои од една страна предизвикуваат тешки последици по здравјето и животот на луѓето, а од друга, овозможуваат огромен профит за поединци на грбот на пациентите и нивните семејства.
Покрај досега пристигнатите пријави, ги охрабруваме и останатите граѓани со документацијата којашто ја поседуваат, да пријават лично во Хелсиншкиот комитет за човекови права или во Македонското здружение на млади правници, како овластени даватели на правна помош (на адресите подолу во текстот), доколку има индиции дека се соочиле со следниве проблеми:
- Несовесно лекување болни, доколку при укажување лекарска помош лекарот: примени очигледно неподобно средство или начин на лекување или нема да примени соодвeтни хигиенски мерки и воопшто несовесно постапува и со тоа предизвика влошување на здравствената состојба на некое лице;
- Неукажување медицинска помош, односно доколку лекар или здравствен работник не му укаже неодложна медицинска помош на лице кое се наоѓа во опасност за животот;
- Непостапување на институциите по поднесени претставки од граѓани (Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Лекарската комора). Доколку сте поднеле претставка до некоја од овие институции и не сте добиле одговор или пак сметате дека одговорот е нецелосен или недоволно образложен;
- Доколку се сомневате дека сте биле дел од клиничко испитување без ваше знаење.
- Корупција, односно доколку ви е побаран поткуп за здравствена услуга од страна на лекар или здравствен работник.
По пријавувањето, граѓаните ќе добијат правен совет и во зависност од околностите, ќе добијат помош при иницирање кривични постапки, доколку има индиции дека е сторено кривично дело, помош при изработка и поднесување претставки пред другите надлежни институции и засилен граѓански мониторинг на случаите кои ќе влезат во судска постапка.
Граѓаните може да се обратат на следните адреси, а сите случаи ќе влезат во заедничка база на податоци:
ИРЛ – Булевер Илинден 47-2, 1000 Скопје; +38976302307; [email protected].
Хелсиншки комитет за човекови права – ул. Наум Наумовски Борче 83, 1000 Скопје; 02/3119-073 и 072/278-436; лица за контакт: Наташа Петковска [email protected]; Ина Џугуманова [email protected]; Тона Карева [email protected]; Славица Анастасовска [email protected].
Македонско здружение на млади правници – ул. Донбас 14-1/6; тел. 02/3220-870, моб. 072/223-963; лице за контакт: Весна Дишлиоска, [email protected].
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.