Испробајте нов рецепт за посна пита која е полна со сочен фил. Ова е една едноставна пита која се приготвува со готови кори, брза е, а има неверојатно неодолив вкус, прсти да излижеш. Пробајте ја, па ќе ви стане омилена. Ќе ви претставиме неколку верзии од истата пита, а вие пригответе ја онака како што вам најмногу ви одговара. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување кори за пита (500 г), 400 г шампињони, 1 главица кромид/праз, 100 мл масло, зачини: сол и црн пипер во прав
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување кори за пита (500 г), 2 страка праз, 300-400 г шампињони, 1 филџан ориз, сол, пипер во прав, 1 филџан масло, 1 филџан газирана вода, 1 кесичка прашок за печиво (10 г)
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита, 500 г шампињони, 300 г праз, 50 г (1 мал филџан) ориз, 2-3 јајца (за посна -без нив), 200 мл кисела павлака/газирана вода, 130-150 г путер/масло, малку газирана вода (100 мл), зачини по вкус
ПОСТАПКА за рецепт 1: печурките изрендајте ги. Кромидот ситно исечкајте го, па издинстајте го на малку масло додека целосно да омекне. Потоа додајте ги ренданите печурки па уште малку, 5 минути динстајте со повремено промешување, па тргнете од оган. Не грижете се за водата што ќе ја испуштат печурките, така треба, односно не треба да ги цедите.
Тепсијата намастете ја, па ставете 3-4 кори на дното, секоја по малку испрскана со масло, па ставете слој печурки, па повторно 2-3 кори, па фил и сè така додека да се потроши материјалот. Прелијте одозгора со преостанатото масло, исечете и ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени, 30-тина минути.
ПОСТАПКА за рецепт 2: Исечкајте го празот и издинстајте го на малку масло, потоа додајте ги шампињоните исечкани на ливчиња, пропржете, па додајте го сварениот ориз, посолете и запиперете. Во поосебен сад измешајте масло, газирана вода и прашок за печиво. Започнете со редење на корите:
Тепсијата намастете ја, па наредете три кори, секоја по малку напрскана со преливот. Распоредете фил. На секоја трета кора распоредувајте фил, а секоја кора прскајте ја/премачкувајте ја со преливот. Пред печењето исечете ја и печете ја во загреана рерна на 180 степени додека да зарумени.
ПОСТАПКА за рецепт 3: печурките исечкајте ги на тенки листови, па ставете ги на малку масло и издинстајте ги. Празот измијте го, ситно исечкајте го, па и него посебно издинстајте го додека да омекне. Оризот сварете го „ал денте“, да не е преварен. Во поголем сад измешајте ги печурките, празот и оризот, па зачинете по вкус.
РЕДЕЊЕ: По 2-3 кори во намастен плех, а секоја кора прскајте ја со растопен путер или масло помешано со газирана вода. Распоредувајте го филот, па повторно 2-3 кори, па фил и сè така додека да се потроши материјалот. На крај завршете со кора. Исечете ја питата на коцки.
Во посебен сад изматете ги јајцата и киселата павлака (за посна верзија изоставете ги), додајте малку млеко или газирана вода, па прелијте ја питата. Оставете малку време за да можат корите да го впијат преливот. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 40-45 минути или во зависност од вашата рерна. За посна верзија се прелива со мешавина од масло и газирана вода.