Авангардната уметница и пејачка Александра Слаѓана Милошевиќ почина денеска на 69-годишна возраст, потврди за ФоНет нејзината пријателка Билјана Петровиќ, пренесе N1.
Милошевиќ почина во Земунската болница по кратко боледување, а датумот и времето на погребот ќе бидат објавени подоцна.
Александра Слаѓана Милошевиќ е родена во Белград на 3 октомври 1955 година и важеше за икона на новиот бран од осумдесеттите во Југославија.
На површината на југословенската поп-рок сцена излегла во 1977 година со песната „Ау, ау“ и истата година го имала првиот голем настап на Концертот кај Хајдучка чешма, каде настапувала пред Бело Дугме.