Почнува историското издание на Лигата на шампионите

Како одговор на иницијативата за формирање Суперлига, УЕФА пред неколку години беше принудена да направи реформи во Лигата на шампионите за да ги спречи најголемите европски клубови да избегаат, по примерот на Евролигата во кошарка.

Промените, конечно, пристигнаа, од оваа сезона ќе се смени системот на натпреварување во ЛШ и првпат откако таа е формирана во 1992 година, ќе се игра по друг формат. Повеќе нема да има групи, туку сите екипи ќе бидат рангирани во една лига со тоа што секој тим доби осум противници со кои ќе се сретне по еднаш. Место досегашните 32, ќе учествуваат 36 екипи, најдобрите осум на крајот од лигашкиот дел обезбедуваат пласман во осминафиналето, а тимовите од 9. до 24. место ќе играат бараж.

За љубителите на фудбалот ќе има повеќе простор за уживање бидејќи во првиот дел ќе има осум, место досегашните шест термини со тоа што шест кола се играат до крајот на оваа година, а две во јануари. Исто така, промена е во тоа што натпреварите во секое коло ќе се играат три дена во неделата – вторник, среда и четврток со по шест меча.

Кога станува збор за фаворитите за титулата во историското издание на Лигата на шампионите, повторно во прв план е Реал кој е бранител на трофејот, а во новата сезона влезе и делумно засилен со Килијан Мбапе. Ќе го нема Тони Крос, но шпанскиот гигант има многу играчи кои знаат како се освојуваат титули во ЛШ. Покрај Реал, во најтесна конкуренција е Манчестер Сити, а никогаш не смеат да се заборават ни Баерн, Ливерпул, Барселона итн. Оваа сезона ќе има и три дебитанти во елитното натпреварување: Болоња, Жирона и Брест.

Вечерва на програмата се шест натпревари, а дербито се игра на Сан Сиро каде Милан ќе го пречека Ливерпул во реприза на финалните дуели од 2005 и 2007 година. Одбраната на пехарот, Реал ја почнува на домашен терен против Штутгарт. Утре има уште едно големо дерби, меѓу Манчестер Сити и Интер, екипите кои се бореа за трофејот во 2023 година.

Македонија оваа сезона ќе биде претставена со четворица фудбалери во Лигата на шампионите. Бојан Миовски ќе дебитира во неа, исто како и неговиот тим Жирона, а тука се уште Стефан Ристовски и Аријан Адеми од Динамо и Елиф Елмас од Лајпциг. Хрватскиот првак вечерва му гостува на Баерн, Жирона својот прв меч ќе го одигра утре на Паркот на принцовите, против ПСЖ, додека Лајпциг игра против Атлетико во Мадрид.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – 1. КОЛО
ВТОРНИК
Јувентус – ПСЖ 18:45
Јанг Бојс – Астон Вила 18:45
Баерн – Динамо 21:00
Милан – Ливерпул 21:00
Спортинг – Лил 21:00
Реал – Штутгарт 21:00
СРЕДА
Болоња – Шахтјор 18:45
Спарта – Салцбург 18:45
Селтик – Слован 21:00
Бриж – Дортмунд 21:00
Манчестер Сити – Интер 21:00
ПСЖ – Жирона 21:00
ЧЕТВРТОК
Црвена Звезда – Бенфика 18:45
Феенорд – Баер 18:45
Аталанта – Арсенал 21:00
Атлетико – Лајпциг 21:00
Брест – Штурм 21:00
Монако – Барселона 21:00

Пронајдете не на следниве мрежи: