Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Северна Македонија, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски
Министерот за надворешни работи Бујар Османи побара од претседателот Стево Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност во проширен состав со лидерите на политичките партии.
Смета дека, освен безбедносните закани од послендите случувања на Блискиот Исток, Македонија е под реална закана и од нов бегалски бран доколку ескалира состојбата.
Од Кабинетот на шефот на државата, пак, за ТВ Телма информираат дека претседателот е во постојана комуникациија со партнерите во НАТО.
„Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Северна Македонија. Доколку се донесе одлука за свикување на седница на Советот за безбедност, јавноста ќе биде навремено информирана“,
наведуваат од Кабинетот на претседателот на државата.
Инаку, македонското Министерство за надвореши работи формираше кризен штаб за извлекување на македонските државјани кои се наоѓаат не само во Израел, туку во поширокиот регион на Блискиот Исток, откако синоќа Иран со дронови, крстосувачки и балистички ракети го нападна Израел, како одговор на нападот кој Израел го изврши пред две недели врз иранската амбасада во Дамаск.