Поранешниот ракометен репрезентативец, Филип Миркуловски, деновиве е во Скопје. По 13 години, првпат со своето семејство ќе биде дома за Божиќ, па сите заедно ќе кршат лепче за Бадник. До сега оваа традиција ја правеше со ракометарите, од чиј дрес се прости во април. Филип овој пат нема да оди со стручниот штаб на Светското првенство во Полска и Шведска.
„За Божиќ и Бадник секогаш сум бил надвор од дома и не ми било сеедно. Но, затоа, пак, со ракометарите по традиција кршиме лепче со паричка. Мене никогаш не ми падна до сега. По 13 години, првпат ќе бидам дома со семејството, со родителите и сестра ми“, вели Филип, кој од неодамна е помошник-тренер во германскиот клуб „Ветзлер“.
Работата како тренер е една од причините зашто не отиде со ракометарите. „Не ме пуштија од клубот, мора да се вратам назад и ми е прва година како тренер“, искрен е Миркуловски во интервјуто за Репортер. Цел живот како играч, а сега како тренер – вели дека не е тешко да се стекне авторитет „Таму се културни момци, кои имаат почит кон мене. Кога бевме играчи, се дружевме, но сега кога станав тренер, мора да сум на дистанца баш поради тој авторитет“, открива ракометарот.
Речиси 8 години живее во Германија. Со сопругата Благица таму имаат многу пријатели, па се дружат, одат во хрватски ресторани, излегуваат, а и Франкфурт им е блиску.
„Живееме во мирно место покрај река, со чист воздух. Жал ми е за ова што му се случува на Скопје. Загадено е многу. Но, тука се нашите семејства“, вели Филип.
Со многу емоции зборува за љубовта со сопругата Благица, која им почнала уште во средното училиште. Заедно студирале и на Правниот факултет, а не е тајна дека таа се откажала од својата кариера за тој да успее во спорот.
„Повеќе сум со Благица во животот отколку што сум бил сам. Учевме во ист клас. На факултет таа беше секогаш понапред од мене, ме чекаше на испити, ме пријавуваше за полагање. Се откажа од својата кариера поради мене. Не секој се откажува од својот сон за некој друг“, вели ракометарот. Имаат две ќерки, но вели лесно излегува на крај со три дами дома.
Миркуловски е, како вели, дете од Бутел. Сакал да стане кошаркар, но му недостигале 10 сантиметри, па станал ракометар. Дресот со број 13 за него не се покажа како баксуз. За ракометните времиња во Скопје, вели: „И денес ми недостигаат оние натпревари меѓу ‘Металург’ и ‘Вардар’“. Од почетоците до денес, за љубовта и спортот, за дружбите со ракометарите, за животот надвор од дома, тешко ли му е што се прости од репрезентацијата… гледајте го интервјуто.
Пронајдете не на следниве мрежи: