Празни рафтовите за домати и благ пипер – се потрошиле или ќе чекаат повисока цена за продажба

Рафтовите каде стојат доматите и благите пиперки беа празни во три маркети, од три различни брендови, лоцирани во Скопје. Синоќа, а непосредно пред објавувањето на новите замрзнати цени кои ќе бидат зголемени.

Во два од трите брендови, а кои важат за поевтини, немаше ниту краставици. Вработените не сакаа да коментираат дали немаат на залиха или се повлечени од продажба пред утрешното поскапување. Тие само кажаа: „Тоа што гледате тука, тоа е само сега“.
Од пиперки, на рафтовите имаше само благи. Од останатиот зеленчук кој го имаше на залиха затекнавме млад кромид, зелка, марула, магдонос – производи кои немаат замрзнати цени. На рафотвите каде стои овошјето, имаше скоро сѐ, по замрзнати цени. Па така, портокалите се продаваа по 55 денари, мандарините по 60 денари, лимоните по 55 денари.
Пред три дена, министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник, односно утре, ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.
„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната“, рече тој.

Во понеделникот, минатата недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари.
Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.