Прашањето за употребата на името Северна Македонија ќе го покренеме на претстојниот Самит на НАТО, вели Мицотакис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска изјави дека прашањето за употребата на уставното име Република Северна Македонија ќе го покрене на Самитот на НАТО во Вашингтон во првата половина на јули.

На прес-конференција одржана на островот Крит во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО-ДПМНЕ е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.

„Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба“,

рече Мицотакис, пренесе МИА.

Претстојниот Самитот на НАТО за Мицотакис е прва можност да се најде на ист форум со новиот премиер на Северна Македонија.

„Секако дека ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој“,

смета Мицотакис.

Мицотакис повтори дека Грција ќе бара апсолутно усогласување за ова прашање за кое рече дека се на иста линија и со Европската Унија и САД.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.