Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на комеморацијата на Пеле предложи секоја земја да именува барем еден стадион по оваа легенда, а сега се појави првата земја која одговори на овој бизарен предлог.
Инфантино предложи по легендарниот Бразилец, кој почина на крајот на 2022 година на 82-годишна возраст по битка со ракот, да се именуваат стадиони ширум светот и по еден во секоја земја.
Со должна почит кон ваквата легенда, многумина овој предлог го означија како бизарен, но сигурно е дека некои земји ќе одговорат на повикот на Инфантино. Поточно, некои веќе одговорија.
Првата земја која одлучи да именува стадион по Пеле е Зелен ‘Рт, позната и како Зелено’ртски Острови. Оваа африканска постровска држава со необично име во 2013 година услои уредба со која препорачува името на државата на странски јазици да не се преведува, што би значело дека на македонски треба да се вика Кабо Верде, но тоа не е пракса во македонскиот јазик.
Премиерот на Зелен ‘Рт, Жузе Улисес Куреја и Силва, потврди дека стадионот „Насионал де Кабо Верде“, кој има капацитет од 15.000 седишта и каде домаќин е репрезентацијата на оваа земја, ќе биде именуван како стадион „Пеле“ во чест на легендата на светскиот фудбал.
„Како почит и признание за овој лик кој нѐ направи сите нас големи, ја претставувам акцијата за именување на нашиот национален стадион во стадион ‘Пеле’. Се надевам дека повеќе земји ќе го следат нашиот предлог“, напиша Силва на Facebook.