Прво да помине изборот на влада, па да најдеме елегантно решение за Законот за локална самоуправа – вели Мицкоски

Прашањето за измени во Законот за локална самоуправа се наметна откако неколку актуелни градоначалници беа избрани за пратеници во Собранието, а дел се најдоа и на списокот на мандатарот Мицкоски како предлози за министри во новата влада

Прво да помине изборот на новата влада, а потоа веднаш штом ќе се создадат услови, во собраниска процедура да се најдат и измените на Законот за локална самоуправа, изјави денеска од Тетово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски. Според него, треба на елегантен начин да се најде решение за овој закон, наместо да се трошат милиони евра пари на граѓаните. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски одговара на новинарски прашања во Тетово / Фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Инаку, прашањето за измени во Законот за локална самоуправа се наметна откако неколку актуелни градоначалници беа избрани за пратеници во Собранието, а дел се најдоа и на списокот на мандатарот Мицкоски како предлози за министри во новата влада. 

Со измените се бара начин како да се избегнат предвремени избори за градоначалници во овие општини, бидејќи редовните локални избори треба да се случат веќе в година.  

Прашан за став во врска со мислењата на дел од експертите дека измените на Законот за локална самоуправа би биле спротивни на Уставот, Мицкоски рече дека тој би сакал да ги слушне тие мислења и да бидат вклучени во овој закон.  

 „Што се однесува до измените во Законот за локална самоуправа, јас чекам да помине ова што треба да помине, а тоа е, нели, изборот на новата влада. Понатаму можеме да ги слушнеме мислењата на експертите. Слушнавте дека има експерти коишто велат дека овој закон бил спротивен на Уставот. Јас би сакал да ги слушнам нивните мислења, тие мислења да ги вклучиме во овој закон, да не постои воопшто сомнеж во јавноста дека е можно овој закон да биде противуставен и веднаш кога ќе се создадат условите, тој да се најде во собраниска процедура“,

изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.  

Тој го повтори ставот дека можеби е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ да се одржат избори и да се потврди нивната доминација на политичката сцена во земјава, но оти тоа би било тормозење на граѓаните и трошење на нивните пари.  

„Можеби е во наш интерес да има избори и да потврдиме уште еднаш и да докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата политичка сила во Македонија. Но, зошто да трошиме милиони народни пари кога можеме тоа да го решиме на елегантен начин, бидејќи секако за неколку месеци од денеска доаѓаат редовни локални избори коишто ќе се случат во септември-октомври следната година, зошто повторно да ги тормозиме и мачиме граѓаните со гласање и да трошиме народни пари“,

рече мандатарот за состав на новата влада.  

Заокружувајќи го одговорот на прашањето, Мицкоски упати апел до експертите да кажат како треба да се направат измените на овој закон за да не биде спротивни на Уставот.   

„Јас ги повикувам сите на разум, еве ги повикувам и експертите нека кажат, ако навистина мислат дека овој закон се коси со Уставот, нека кажат како треба да се направи да не биде спротивен на Уставот и да го поминеме сите заедно во рамките на парламентот, да не бидеме неодговорни кон паричниците на нашите граѓани. Ние треба да работиме за интересот на нашите граѓани. Ете, тоа е мојата порака“,

рече Мицкоски.  

Пронајдете не на следниве мрежи: