Преземено: како за аферата „Шпион“ и „Глумец“ пишуваа домашните медиуми

Вторник, 18 февруари 2014 – „Ова ти е втор поздрав, твојот кодошки живот вреди 30.000 евра, имаш 20 часа да ги спремиш и да чекаш инструкции, ако пријавиш ќе те кошта глава!“, ова е една од СМС пораките упатена до оштетените во мегапредметот „Шпион“. Покрај уцените упатени спрема поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, бизнисменот Минчо Јорданов, лекарот Бобан Пешиќ, обвинетите за уцена, според обвинителството го уценувале и лицето Димитар Димовски. (следува текст преземен од Академик.мк со наслов – „Дај ни 30.000 евра или ти отиде кариерата“, уценувале обвинетите во „Шпион“ со досие кое не било предмет на лустрација)
Според обвинителството, од Димитар Димовски тие се обиделе да изнудат 30.000 евра преку СМС пораки во кои му најавиле дека за него постои досие кое не е предмет на лустрација. Обвинителството преку 15 сведоци ќе се обиде да докаже вина кај обвинетите. На листата на сведоци се наоѓа и бизнисменот Трифун Костовски. Во неколку точки од диспозитивот на обвинението се опишани уцените и обидите за изнуда на обвинените. Неколкумина од нив со сериозна закана го присилиле Димитар Димовски да изнудат од него 30.000 евра бидејќи до нив стигнале информаци дека за него постои досие кое не е предмет на лустрација. Обвинетиот кој бил вработен во Архивот на РМ го земал и направил фотокопија од досието, па му го предал на друг обвинет. Според нивниот првичен план, откако на обвинетиот му паднало досието во раце, почнал да му праќа на оштетениот СМС пораки со заканувачки и вознемирувачки тон. Откако неколкупати во месец февруари 2012 година, пратил закани, а оштетениот не реагирал, следува порака во која постои закана не само за животот на оштетениот туку и за неговото семејство. „Ученикот стана глумец, кодошче едно не ме интересира дали имаш бизнис и што правиш, имаш рок до недела да спремиш 30.000 евра или ќе умреш како куче. Ако пријавиш, ќе почнеме од жена ти, па по ред, купи си го гревот до недела, одговори со да или не. Ако си паметен се ќе заврши засекогаш, ако не, нема веќе кариера биди паметен“. По оваа СМС порака, на оштетениот привремено му се јавувале и му давале инструкции како да ја предаде бараната сума од 30.000 евра. Еден од обвинетите, во почетокот на март истата година го чекал пред зграда оштетениот, па откако овој му ги фрлил парите на задното седиште, обвинетиот веднаш бил лишен од слобода.
Мета на обвинетите и Минчо Јорданов
Во текот на 2010 година, според обвинителството дел од обвинетите му се заканувале на бизнисменот Минчо Јорданов дека доколку не им исплати одредена сума на пари, ќе обелоденат документи од наводната криминална приватизација и откупот на акциите во АД Бетон. Еден од обвинетите земал 12.600 евра како паричен надоместок да се ангажира за да најде лице кое ќе врши притисок врз Јорданов за заканите да ги сфати сериозно. Јорданов никогаш заканите не ги сфатил сериозно, ниту им исплатил некакви пари на ниту еден од обвинетите.
Обвинетите не изнудиле ниту еден денар од Драган Даравелски
Обвинителството на списокот за уцени го стави и поранешниот директор на Царинска управа, Драган Даравелски. Нему обвинетите му барале 200.000 евра, во спротивно му се заканувале дека ќе објавуваат податоци за неговите бизнис зделки. Иако еден од обвинетите отишол во Белград за да го убеди Даравелски во намерата, сепак уцената не завршила успешно.
Лекарот Бобан Пешиќ поминал најскромно
Обвинителството објаснува уште една уцена која за разлика од претходните каде станува збор за големи суми на пари, овде се работи за 2.000 евра. Откако некое лице кое се лечело кај Пешиќ починало, дел од обвинетите му се заканиле дека доколку не им даде пари, ќе му поднесат тужба дека работи без лиценца и со радиоактивни материјали. Откако лекарот не им дал пари, тие му го одземале компјутерите од неговата канцеларија, информирајќи го дека кога ќе им ја исплати сумата, ќе му ги вратат компјутерите.
Линк кон преземениот текст: Детали за аферата „Шпион“ и за досието „Глумец“
Останува нејасно зошто во време на процесот на Лустрацијата не е процесирано и досието на „Глумец“ иако повеќе од очигледна е неговата доброволна, долготрајна и екстремно штетна соработка со ДБК, а против партијата ВМРО-ДПМНЕ. Денеска лицето Димитар Димовски е член на највисокото раководство на Мицковски и е истовремено негови бизнис партнер, како што може да се провери во Централниот Регистар на (сеуште) Република Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.