Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со претседателот на Република Бугарија г. Румен Радев, кој престојува во работна посета на Република Македонија.
На средбата беше разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи преку јакнење на политичкиот дијалог, за интегративните процеси на Република Македонија и беа разменети мислења за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.
Претседателот Иванов изрази надеж дека Република Бугарија како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската Комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.
-Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици, рече македонскиот претседател.