Природна стимулација на растот на косата со оваа маска

За најлесно да ве инспирирам да се потрудите својата козметика да ја подготвувате сами, ќе ви покажам еден од моите најомилени рецепти – нема бројки, нема минути, нема строги процедури!
Состојки:
корен од ѓумбир
лажичка кокосово масло
лажичка мед
10 билни капки од коприва


Што добивате од оваа маска?
Сокот од ѓумбир е богат со минерали и есенцијални масла и исто така ќе ја подобри циркулацијата на скалпот и ќе овозможи сите хранливи состојќи побрзо да се апсорбираат.Покрај тоа има и антиинфламаторно и антисептично дејство, а тоа го прави одлична состојка за сите оние кои имаат скалп склон кон црвенила и иритации.
Кокосовото масло длабински го потхранува фоликулот на влакното овозможувајќи косата да изгледа здрава и сјајна, сето тоа благодарение на масните киселини кои ги содржи. Истовремено, неговото антимикробно дејство ја подобрува состојбата на скалпот, овозможувајќи му да се спротивстави на сите предизвикувачи на првут. Сепак, најпрепознатливо е по тоа што го штити влакното од кинење на врвовите.
Медот ќе ѝ овозможи на косата длабинска хидратација и нема да дозволи да изгледа дехидрирана, сува и безживотна. Одлично се соединува со кокосовото масло.
Копривата е билка која со векови ја користеле во производи за нега на коса, особено во оние за стимулирање на нејзиниот раст. Од дозирани форми кои се достапни на пазарот – а можете да ги искористите во рецептот, ќе најдете ампули (кои се поконцентрирани и преферирам да ги нанесувам директно на скалпот без да ги разредувам) и чај (кој може да го подготвите и да го искористите наместо капките за да добиете потечна смеса) сепак, лично мене ми е посоодветно и воедно поекономично, ваквото пакување.


Постапка:
Кокосовото масло и медот оставете ги неполна минута во микробранова да се стопат, така ќе бидат подготвени за соединување. Стопени, измешајте ги во ист сад.
Коренот од ѓумбир излупете го и изрендајте го. Целата содржина исцедете ја низ газичка –во овој рецепт, нам ни е потребен само сокот.
П.С. Оние на кои не им пречи хаос во кујна, можат да цедат и низ прсти.
П.П.С Оние кои не сакаат ништо да фрлаат, откако ќе го излупат ѓумбирот постапката за соединување со маслото и медот може да ја продолжат во блендер, ќе добијат погуста смеса.
Во ист сад, соединете ги сокот од ѓумбир со кокосовото масло и медот. (Не паничете ако не добиете еднолична смеса, сокот од ѓумбир никогаш нема да има идеална температура за да дозволи кокосовото масло да биде идеално течно)
На крај, во смесата додадете 10 капки од коприва.
ГОТОВО! Нели е лесно?
Оваа маска се нанесува главно на скалпот, но доколку подготвите поголема количина, може да разнесете и кон врвовите. Доволно е да отстои 30-40 минути.
Последен П.С. ветувам: Пред да ја нанесете маската, намокрете ја косата со топла вода – ова е дефинитивно чекор кој може да се прескокне, но од мое искуство, прави голема разлика во финалниот исход.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.