Двајцата криумичари на мигранти од Скопје кои вчера се степаа со полицаец, од чие службено оружје беше испукан куршум кој смртоносно погоди мигрант, добија притвор. Тие се гонат за криумчарење на 11 лица. Неофицијалните информации се дека мигрантите се од три држави, меѓу кои и Пакистан. Обвинителството објави дека постоел обид двајцата криумичари од Скопје да избегаат, по што настанала тепачката.
„Полициските службеници од ПС за ГП и ГН “Богородица” вчера, во раните утрински часови, при вршење на работи од нивна надлежност, на паркинг просторот на м.в. “Стара касарна” во Гевгелија ги затекнале осомничените во вршење на наведеното кривично дело. Имено, второосомничениот во улога на чистач, со ПМВ марка “Ford Focus” што го управувал, на илегалните мигранти кои чекале во близина им дал звучен сигнал за да излезат. Првоосомничениот пак, во ПМВ марка “Mercedes” со бугарски регистерски ознаки, кои ознаки минатиот месец биле пријавени за украдени од подрачјето на Гевгелија, ги прифатил со намера да ги превезе и започнал да ги сместува во задниот дел од возилото. Додека траело сместувањето на мигрантите, со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејствие и ги предупредил со “Стој полиција”. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка која веќе била сместена на задното седиште во возилото“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на двајцата осомничени кои се гонат по скратена постапка им определи мерка притвор.
Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, испитува дали полицаецот или криумичарот го испукал куршумот кој усмрти мигрант во Гевгелија. Обвинителството кажа дека се дадени повеќе наредби за вештачење.
„Со цел да се испита одговорноста на полицискиот службеник формира предмет и донесе Наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол, како и на други траги врз основа на кои ќе се утврди кој го испукал куршумот со кој е предизвикана смртта кај мигрантката“, велат од Обвинителството.
Според информациите, пиштолот од кој е испукан куршумот е службен на полицаецот кој се обидел да ги сопре двајцата криумичари додека тие бегале. Тие се степале со него, па во турканицата имало пукање. Куршумот погоди млада мигрантка која почина.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.