Пред спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2020 година пробен попис ќе се спроведе во април 2019 и тоа во општините Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и Свети Николе. Со пробниот попис ќе бидат опфатени вкупно 3.500 домаќинства, а Државниот завод за статистика, во нацрт верзијата на Законот за попис предлага во пописот да нема прашања за етничка и верска припадност, туку само прашање за мајчиниот јазик.
– Во согласност со Меѓународните препораки за спроведување на пописите околу 2020 година на Обединетите нации и Евростат, белезите за етно–културните карактеристики како што се етничката и верската припадност не се задолжителни белези. Во Нацрт – верзијата на Законот за попис од сетот на белези за етно–културните карактеристики, се предлага да се прибира само податокот за мајчин јазик – објави Gostivarpress.mk.
За разлика од претходно кога попис се правеше со прашалник на хартија сега попишувачите ќе поминат обука и податоците ќе ги прибираат на лап топ. Се очекува нацрт верзијата на Законот за попис да помине на Влада до крајот на годинава, а на почетокот од следната Собранието да го донесе Законот. Според ДЗС за пробниот попис планирани се 250 000 евра од ИПА фондовите.
Пробен попис во 2019 ќе се прави во четири општини во Македонија






