Промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски

Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот
„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на ИЛИ-ИЛИ.
Промоторка на книгата ќе биде писателката Николина Андова-Шопова. Романот влезе во
најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.
„Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна
нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и
ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња).
Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“. Николина Андова Шопова
„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ е извонредно возбудлив роман поделен во три дела, во
кои од различна перспектива се објаснува приказната. Уште по првата прочитана страница
читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната.
Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста. Срѓан
Ивановиќ, Плусинфо
Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на
Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски
антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг
за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на
пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за
Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.