Промоција на стрип – ЧАНБАРА 1 од Роберто Рекиони и Андреа Акарди на СтрипТрип Фестивалот






На Стрип Трип 2024, Бункер премиерно ќе го претстави македонското издание на првата книга од стрип-серијалот „Чанбара “ (Chanbara) на авторите Роберто Рекиони (Дилан Дог) и Андреа Акарди (Текс Вилер). Ова издание ги содржи првите две приказни од прочуениот стрип-серијал на италијанската издавачка куќа „Sergio Bonelli Editore”.

Терминот „чанбара“ (チャンバラ) на јапонски сленг означува „борба со мечови“ и го обележува жанрот на самурајски филмови од златната ера на јапонската кинематографија помеѓу четириесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Во таа насока, стрип-серијалот „Чанбара“ дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17-тиот век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите во него, детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот… 

Познатиот италијански дневен весник „Ла Стампа“ истакнува дека „Чанбара“ е извонреден стрип не само поради прекрасниот цртеж на Акарди, туку и поради фасцинантната способност на Рекиони да раскаже безвременска приказна во манирот на филмските велемајстори Акира Куросава и Сем Пекинпо. Креативната уметничка соработка на двајцата реномирани италијански автори во ова дело го одбележува врвот на нивните кариери. Преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил, и Србија.

Македонското издание на „Чанбара 1“ ќе биде достапно во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез и боја. Бункер најавува дека во претстојниот период ќе го издаде комплетниот серијал „Чанбара“ на македонски.  

– Реклама –








Пронајдете не на следниве мрежи: