Разбиена голема криминална група во Албанија: Уапсени се високи функционери, судии и новинари

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, во голема полициска акција против криминални групи, албанската полиција уапси високи полициски службеници, поранешни судии, адвокат, како и двајца новинари.

Акцијата била спроведена во соработка со Европол и со други албански и европски агенции за спроведување на законот, а бидејќи истата е во тек, од СПАК не даваат подетални информации.

„По приведувањето, Специјалниот суд донесе 21 мерка за безбедност во контекст на истрагата за криминална организација од меѓународен обем, во која се вклучени членови на криминалната организација, високи полициски функционери, судии кои биле на должност за време на криминалната активност, адвокат и двајца новинари“, објавија албанските медиуми.

За 18 од приведените лица, вклучувајќи ги и поранешните судии во Елбасан, Пајтиме Фетаху и Зихни Шаху, кој бил и претседател на судот во овој град, како и високи функционери на државната полиција, меѓу кои и началник на Полициски комесаријат во Тирана, определен е затворски притвор, мерка домашен притвор му е изречена на адвокат, додека, пак, обврска за јавување на новинарите Артан Хоџа и Елтон Ќино.

При излегувањето од судот новинарите само кусо изјавиле дека бил извршен претрес во нивните домови, биле на распит неколку часа и оти им се одземени и телефоните.

Пронајдете не на следниве мрежи: