Распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, најавува ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт


„Правосудниот систем ќе ја претрпи својата реформа, не со политички екскурзии коишто се случуваа во последниве седум години во коишто на шест месеци се менуваше Стратегијата за реформи, туку по највисоките препораки на Венецијанската комисија и на Европската комисија“, рече Стефан Андоновски на дебата за изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ

Стефан Андоновски (принтскрин / дебата Платформа 1198 на ВМРО-ДПМНЕ)

Мора да ги распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, рече денеска на партиската дебата посветена на изборната програма „Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, актуелен дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Според него, за да се постигне еднаквост на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред институциите потребна е длабока реформа во правосудниот систем и реформа во државната администрација но не, како што вели тој, таква каква што се правела изминативе седум години, туку со имплементација на препораките од Венецијанската комисија и од Европската комисија.

„Правосудниот систем ќе ја претрпи својата реформа, не со политички екскурзии коишто се случуваа во последниве седум години, во коишто на шест месеци се менуваше Стратегијата за реформи, туку по највисоките препораки на Венецијанската комисија и на препораките на Европската комисија којашто прати свои претставници тука. Но, за да направиме реформа, потребно е да ја ревидираме постојната состојба и затоа во програмата тргнуваме од идејата дека ние мора да го распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“,

рече Андоновски.

Тој вели дека „не може истакнат правник да значи правник член на комисијата за правни работи на СДСМ“.

„Истакнат правник мора да биде врвот во науката, врвот во праксата во државата и тој треба да исполни сериозни критериуми и да помине сериозна постапка во Собранието и затоа ќе предвидиме една многу детална постапка за избор на овие кадри во Собранието на Република Македонија по врвни критериуми“,

порача Андоновски на дебатата за „Платформа 1198“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: