Белградска Црвена Звезда со очајната последна четвртина наместо изненадување се соочи со дебакл во Белград против Реал Мадрид, кој со 79-59 славеше во салата „Александар Николиќ“ во пресметката во кошаркарската Евролига.
Белграѓани предводени најмногу од Немања Недовиќ беа во егал до средина на третиот период (47-47), иако „кралевите“ имаа и плус 14 во еден период од втората четвртина, но потоа црвено-белите – застанаа. До крајот на четвртината Реал со серија 10-4 влезе со плус шест во завршните десет минути (57-51), а потоа се случи тотален крах.
Во првите четири минути од последниот период, Реал направи 12-0 и практично ја обезбеди победата, дојде на 69-51, а колку очајно одигра Ц. Звезда покажуваат само осумте поени за завршните десет минути во кои едноставно немаа решение за Валтер Таварес.