Регрутирале за ИСИС, планирале терористички напади: ОЈО ГОКК со детали за акцијата во Струга и Гостивар

По неколкумесечна предистражна постапка на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гоење на организиран криминал и корупција и Истражниот центар, како и истражители од Лабораторијата за дигитална форензика, во текот на вчерашниот ден во соработка со МВР беше спроведена акција во струшкиот и гостиварскиот регион. Притоа се приведени три лица од Гостивар и едно лице од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од КЗ, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според содржината на диспозитивот од Наредбата за спроведување на истражна постапка, првоосомничениот, дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Telegram каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади.

Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пронајдете не на следниве мрежи: