Рецепти за лекови за притисок и шеќер во крвта, тироидната жлезда, белодробни болести и за астма од денеска ги препишуваат матичните лекари

Од денеска пациенти со неколку хронични болести веќе не мора да одат кај лекари-специјалисти за да добиваат рецепти за лекови туку нив ќе може да им ги издаваат и матичните лекари. Се работи за пациенти кои имаат хипертензија, дијабетес, астма, белодробни болести и намалена функција на тироидната жлезда. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, од ординација во скопски Сарај денеска покажа дека системот со препишување рецепти веќе функционира.

-Од утрово функционира системот, и тоа не само на хартија. Функционира во најдобар ред за петте дијагнози, кои доктор Злате Мехемдовиќ ги претстави во понеделникот. Тоа се дијабетес, хипертензија, астма, ХОББ, хипотироидизам. Со ова ќе се растовари метежот во Клиничкиот центар и ќе им дозволиме на професионалците во секундарно, а особено во терциерното здравство да се посветат на својата работа и веќе да си направиме и наука. Целта ни е нашиот Медицински факултет да биде рангиран на Шангајската листа на некое повисоко ниво, рече министерот Меџити.
Координаторот на проектот Злате Мехмедовиќ најави дека најдоцна за еден месец матичните лекари ќе може да ги даваат и упатите за лабораториски анализи за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист, а ќе се разговара и за закажување кај матичен преку „Мој термин“.

-Ова е процес што ќе трае три години. Ништо нема да се случи преку ноќ и за сè е разговарано со матичните лекари. Гледате дека почетокот оди етапно, не ги дадовме сите реформи да се аплицираат уште од првиот ден кога ги најавивме на брифингот. Оставивме простор да се развие дискусија. Денес, почнуваат да се препишуваат рецептите, за кратко време ќе почнат да се даваат упатите, тоа ќе биде најмногу за еден месец. Една од работите за кои ќе се разговара до крајот на годината е можноста за закажување преку „Мој термин“. Ќе се разговара и за нови протоколи за проширување на изборот на лекови и за нови лекови на позитивната листа“, рече Мехмедовиќ.
Министерот Меџити извести дека нивните досегашни анализи покажале дека речиси 30 отсто од пациентите што го посетуваат Клиничкиот центар доаѓаат за продолжување на терапијата или за услуги што со оваа реформа ќе може да ги добијат кај матичните лекари.

Матичните лекари десетина години барале да се направи ваква промена во режимот на пропишување на лекови за да не се малтретираат пациентите, но апелираат листата на терапија да се зголеми.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.