Решението за името сигурна гаранција за членство во ЕУ и НАТО

Решението на спорот за името е сигурна гаранција за членство во ЕУ и НАТО, доколку продолжиме со ова темпо на имплементација на реформите. Но она што го добиваме за возврат е многу поважно за идните генерации – мир, стабилност, економски просперитет, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во емисијата 24 анализа на ТВ24.

Оцени дека односите меѓу Македонија и Грција се подобри од било кога во минатото, и сега се прават обиди за лоцирање на проблемите.

– Имаме секојдневна комуникација, обид за отворен проистап, обид да бидеме внимателни процесот да го држиме на маса, не преку медиуми. Јас сум еден од нјаоптимистите во процесот. Сметам дека сме го поминале врвот на планината и одиме надолу. Мој впечаток е дека работите одат во добар правец, добар дел од сензитивните прашања се условно надминати, оцени Османи.

Тој смета дека треба да се издвои суштината, од формата на процесот на преговори.

– Не влегувам во детали кое име, каква придавка, мора да ја издвоиме суштината од формата на процесот. Суштина за мене е како ќе се вика државата, јазикот, државјаноството, начинот на апликација е форма, рамка. Мој впечаток е дека има се помалку разлики во суштината на проблемот. Не смееме заради форма да го ризикуваме тоа што е постигнато во суштината, вели Османи.

На прашањето доколку се менува Уставот при промена на името, Османи вели дека важно за него е Македонија да успее како држава, прво преку членство во НАТО и процесот на европеизација на општеството, да се зголеми стандардот, економијата, мирот и безбедноста, според него, треба да бидат поважни за граѓаните и за идните генерации.

– Држава која ќе има економски стандард, држава која никој нема да смее да ја нападне. Дали е прескапа оваа цена да се плати да се добие вакво нешто. Дали решението кое се нуди е прескапа цена да го добиеме ова – мир, безбедност стабилност, еконмомски просперитет за граѓаните, оценува Османи, додавајќи оти ова не го зборува како Албанец туку како граѓанин чии деца ќе живеат во оваа држава.

На прашањето дали ќе ја убедат опозицијата да гласа за евентуални уставни измени, Османи оценува дека опозицијата е конструктивна околу ова прашање. – ВМРО-ДПМНЕ конструктивно се однесуваше за реформските закони и за името – можеше да напрви било каква партиска кампања и тоа да го стави во функција на партиска агенда. Тоа не го направи сфакајки колку тоа прашање е сериозно. Не би прејудицирал, да видиме како ке се одвиваат работите со преговорите, рече Османи.

Вицепремиерот е оптимист дека до самитот на НАТО ќе најде решение за името. – Јас сум реален оптимист. Грев е доколку го пропуштиме овој момент, оцени Османи.