Велика Британија ја обвини Русија дека планира да му испорача на Иран високотехнолошки воени компоненти во замена за стотици беспилотни летала.
„Иран стана еден од главните воени спонзори на Русија“, рече британскиот министер за одбрана, Бен Валас, во говорот во британскиот Парламент за конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Во замена за добивање повеќе од 300 беспилотни летала камикази, Русија сега има намера да му обезбеди на Иран високотехнолошки воени компоненти, што ќе ја поткопа безбедноста и на Блискиот Исток и на глобално ниво“, додаде британскиот министер за одбрана. Тој не прецизираше за какви воени компоненти станува збор.
Руското Министерство за одбрана и иранското Министерство за надворешни работи засега не ги коментираат неговите тврдења.