Русија се обидува да добие балистички ракети од Иран, еве што му нудат на Техеран за возврат

Иран минатиот месец призна дека испорачувал дронови на Москва, но пред војната во Украина

Русија се обидува да набави повеќе оружје од Иран, вклучително и стотици балистички ракети, а за возврат му нуди на Техеран невидена воена и техничка помош, изјави во петокот британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд.

Од август, Иран испорача стотици беспилотни летала на Русија, која ги користеше за „убивање цивили и илегални напади на цивилна инфраструктура“, рече Вудворд.

„Русија сега се обидува да набави повеќе оружје, вклучително и стотици балистички ракети“, изјави таа за новинарите.

„За возврат, Русија му нуди на Иран невидено ниво на воена и техничка помош. Загрижени сме дека може да му обезбеди на Иран напредни воени компоненти кои ќе ги зајакнат воените капацитети на Иран“, рече амбасадорката.

Таа додаде дека Велика Британија е „речиси сигурна дека Русија исто така се обидува да набави оружје од Северна Кореја и други санкционирани земји, бидејќи нејзините сопствени резерви се намалуваат“.

Иран минатиот месец призна дека испорачувал дронови на Москва, но пред војната во Украина. Русија тврди дека нејзините сили не користат ирански беспилотни летала во Украина.

Иран вети дека ќе и испорача на Русија ракети земја-земја, заедно со повеќе беспилотни летала, изјавија иранските официјални лица и дипломати за Ројтерс во октомври.


Пронајдете не на следниве мрежи: