Според американски официјални претставници, нападите на американски и британски воени авиони биле на 18 цели, вклучувајќи ги и оние поврзани со подземни складишта за оружје, капацитети за складирање ракети, беспилотни воздушни системи за еднонасочен напад, системи за противвоздушна одбрана, радари и хеликоптер
САД и Велика Британија извршиле напади врз 18 цели на јеменската бунтовничка група хути како одговор на континуираните напади на хутите на трговски и поморски бродови во и околу Црвеното Море, пренесува „Еј-би-си њуз“.
Според американски официјални претставници, нападите на американски и британски воени авиони биле на 18 цели, вклучувајќи ги и оние поврзани со подземни складишта за оружје, капацитети за складирање ракети, беспилотни воздушни системи за еднонасочен напад, системи за противвоздушна одбрана, радари и хеликоптер.
„Овие прецизни удари имаат за цел да ги нарушат и деградираат способностите што хутите ги користат за закана за глобалната трговија, поморските бродови и животите на невините морнари во еден од најкритичните водни патишта во светот“,
се вели во изјавата која ја пренесува „Еј-би-си њуз“.
САД оваа година гаѓаа десетици локации на Хутите, а во овој напад добиле поддршка од шест земји и тоа од Австралија, Бахреин, Канада, Данска, Холандија и Нов Зеланд.
Американскиот претседател Џо Бајден и другите лидери постојано предупредуваат дека САД нема да толерираат напади на хутите врз комерцијални бродови.
Хутите, од 19 ноември извршиле најмалку 57 напади врз трговски и воени бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, а во последните денови нападите зачестија, додава „Еј-би-си њуз.