Директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски не смета дека врз странските инвеститори во зоните негативно ќе се одрази евентуалното донесување на законот за данок на солидарност со европско знаменце. Според него, по разговорите со засегнатите компании минатата година, кога законот беше најавен, реакција имало само во еден или во два случаја.
Како што рече денеска Деспотовски на брифинг со новинарите, реакцијата кај бизнисот во однос на овој закон која посебно се интензивираше деновиве од страна на Стопанската комора, беше заради тоа што „не е кажано со време“.
-Со дел од компаниите кои се засегнати, разговаравме минатата година, кога имаше најави за законот. Освен во еден или во два случаја, кај другите немаше реакции, имајќи предвид дека станува збор за еднократно решение. Не е ова закон што ќе остане и што дополнително ќе ги оптовари финансиските текови на компаниите. Се очекува, по стабилизирање на јавните финансии во тој сегмент, дека нема да има потреба од натамошна таква интервенција. Реакцијата беше зошто не е кажано со време. Ќе повторам, само во еден или во два случаја лани, кога се најави, имаше реакција. Потоа иницијативата за комуникација си ја презема Министерството за финансии, кое комуницираше и комуницира со Стопанската комора. Во овој момент не можам да кажам дека кај нас ќе има некакво црвено знаменце поврзано со тоа, истакна Деспотовски.
Според него, од Министерството за финансии во неколку наврати дел од компаниите активни преку Стопанската комора биле повикани и имале разговорои.
-Не мислам дека законот значително ќе влијае, дека ќе има негативно влијание врз интересот на инвеститорите, ниту врз оние што работат во државата. Бројките ги видовте, доста се солидни, рече директорот на ТИРЗ.
Вчера Стопанска комора од прес-конференција уште еднаш апелира Владата, која веќе го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, целосно да го стопира неговото донесување.
Пронајдете не на следниве мрежи: