Сања Ристиќ: „Јас сум си најголем приоритет оти без здрава мајка нема здрави деца“

Животни приоритети и принципи е темата во новото издание на „Нешто конкретно“. Нашите гости зборуваат за тоа како ненормалното стана нормално и како кршењето на правилата стана правило.

 Проф. Д-Р Аце Миленковски, Д-Р Александар Митов, Дина Јашари и Сања Ристиќ на едно место и со многу слични но и различни приоритети. На почетокот на емисијата зборувајќи за почитта, како ја стекнал, каде, со кого и кон кого, ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски ги испочитува гостите и водителката Снеже Велков со подароци кој им ги подели во студиото. За него најголем приоритет во животот е верата. „Се родивме овде во Македонија нашата вера ја определија бабите, дедовците, нашите родители и таа е преубава вера на која што ние и припаѓаме овдека во оваа држава, без верба во Бога ништо не правиме” рече тој и ја издвои пораката на Трамп дека никој не смее да се смета како најважен и најголем освен Бог.

Сања Ристиќ најголем приоритет си е самата себе, како мајка на две деца таа смета дека децата можат да бидат среќни и здрави и здраво да се развиваат само ако имаат среќна и здрава мајка. Таа истакна дека тој приоритет не значи оти треба да се грижи за својот физички изглед односно да си посетува масажи и фризери, туку работа на сама себе да живее во мир и спокој на душата, бидејќи само така може да делува и да биде добра мајка, добра партнерка и добра во кариерата.

 Д-Р Митов зборуваше за тоа како на младите во Македонија зборот држава им е згорчен. „Ние нашите генерации им го згорчивме зборот држава на младите, ги потсеќа на корупција, криминал и разно разни глупости и кога ќе им се каже зборот држава ги потсеќа на лошо“. Негов најголем приоритет во животот е секако семејството, но меѓу другите приоритети ја издвои својата градина каде вели дека собира енергија за сите останати обврски во текот на денот, единствено му е жал што нема повеќе време да им посвети на пријателите.

Дина Јашари се пожали од условите во државните факултети, студентските домови и потсети на тоа дека за разлика од нас во Љубљана постои бесплатно студирање и условите не се споредуваат. Но и покрај се оваа млада пејачка стои на тоа дека не сака да се отсели од Македонија за евентуална подобра иднина како што тоа го прават нејзините врсници. Разликата во возраста на нашите гости фантастично ги прикажа приоритетите на секоја една генерација кои секако со годините се менуваат.

Гледајте ја емисијата на нашиот канал на YouTube, а новата веќе следната недела од 17.00 часот на Телма.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.