СДСМ: Обвинителството треба да го истражи и стажот на Христовски

Социјалдемократскиот сојуз бара од Обвинителство, кое отвори предистрага за сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, да го истражи и неговиот стаж.

Како што велат оттаму, „според изводите од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, може да се оспори еден од клучните услови кој што е потребен а тоа е стаж од 5 години на раководна функција. Многу лесно може да се утврди дека го нема“.

„Значи Христовски свесно употребил фалсификуван документ за да ја добие оваа позиција, што претставува кривично дело. Очигледно и свесно навел само години без прецизни датуми за неговиот стаж на раководни позиции. Затоа обвинителството треба да го истражи и овој аспект. Во контекст на овој скандал со партизација на АНБ, јавноста веќе е запознаена дека две директорки се казнети за лажни сертификати од истото место – компанијата Јулија ЦО ЛТД, од каде што е и сертификатот на Христовски“ велат од СДСМ.

Потенцираат дека „Ова се сериозни законски и етички прекршувања кои бараат итна реакција од надлежните институции“.

„СДСМ повикува Министерството за внатрешни работи веднаш да покрене кривична пријава против Христовски, а Јавното обвинителство да го расчисти случајот во најкраток можен рок. СДСМ ќе продолжи да инсистира на законитост и одговорност, за да ги зачуваме професионалците и функционалноста на безбедносните структури на државата“ е партискиот став.

Пронајдете не на следниве мрежи: