СДСМ: Само Мицкоски и Чак Норис можат за два дена власт да донесат нова инвестиција

СДСМ со реакција по повод најавата за инвестиција од страна на новата влада на чело со Христијан Мицкоски. Од сегашната опозиција велат дека само Мицкоски и Чак Норис можеле да донесат нова инвестиција за само два дена од формирање на влада.

„Тажно е да се гледа како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сакаат да покажат резултат и не бираат средства за да ги насамарат граѓаните. Но, потценување на интелигенцијата е дека само за два дена Мицкоски поканил, привлекол и договорил било кој нов инвеститор. Ова веројатно го можат само Мицкоски и Чак Норис.

Таков последен пример е инвестицијата на компанијата EPSOTECH, која Мицкоски ја објави како свое големо достигнување. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи инвестициите донесени од СДСМ да се реализираат, бидејќи тоа е добро за државата и граѓаните. Но, сметаме дека е политички простотилук да се тврди дека Владата на СДСМ ништо не работела, а во исто време Мицкоски да не признае дека се фали со наши проекти.

Јавноста треба да знае дека во моментов има шест нови инвестции кои се со завршени договори и спремни за работа. Единствена причина заради која не ги објави СДСМ е да не го наруши изборниот процес. За овие инвестиции се завршени сите процедури и го чекаат последниот филтер во Комисија за заштита на конкурентноста.

Му порачуваме на ВМРО-ДПМНЕ наместо да продава магла и пропагнада, да се фати за работа и да реализира барем нешто свое.“, стои во соопштението на СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.