Седницата за уставните измени презакажана за 16 часот, протестот почна точно на пладне

Собраниската седница за уставните амандмани е презакажана за 16 часот, извести претседателот на Собранието Талат Џафери, но не ја кажа причината за одложувањето.
Пратениците на денешната 75. седница ќе ги утврдуваат предлог – амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија. По тоа ќе следува нивно донесување, па прогласување. Пред почетокот на собраниската седница Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник на прес-конференција информираше дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.
Во меѓувреме, пред Собранието на Република Македонија точно на пладне здруженијата „Tврдокорни” и ,,Македонија блокира“ го започнаа најавениот протест против уставните измени. Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата. Протестот како што велат организаторите ќе трае до полноќ.
Од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“ истакнуваат дека протестот е за одбрана на македонското име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и против, како што наведуваат, „најголемото национално предавство“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.