Обилниот дожд проследен со силен ветер, што ги донесе невремето „Пенелопи“ во делови од Грција, предизвикаа штети на неколку острови, како и забрана за пловидба на бродовите. Поради силниот северен ветер кој во делови од Егејското Море достигнува јачина и до 8-9 Бофори, сите бродови веќе втор ден се закотвени на трите атински пристаништа.
Невремето донесе студ, дожд, ветер и снег во голем дел на Грција. На островите Лезбос и Крит, од обилниот дожд беа поплавени улици во повеќе населби. Предизвикана е материјална штета на патната мрежа, а проблеми создаде и ветерот кој беше толку силен што корнеше дрвја.
Голем дел од градовите во Северна Грција веќе се покриени со снег.