Почина и петтата повредена од патниците што настрадаа во автобуската несреќа кај Лесковац на 16 декември, известуваат од Министерство за здравство. Починатата цело време била на апарати за дишење на интензивна нега во болницата во Ниш.
Останатите 5 пациенти кои беа со потешки повреди во болницата во Ниш и 4 со полесни повреди кои беа во болницата во Лесковац се пренесени во Македонија. Некои се пренесени во болницата во Битола, некои на Клиниките за трауматологија, ортопедија, анестезија, интензивно лекување и ургентен центар, а дел се дома, велат од Министерство за здравство.
Во несреќата беа повредени 35 патници од струшкиот автобус. На местото на несреќата загинаа тројца патници, а 32-ца беа повредени. Од нив 14 беа хоспитализирани, а останатите по укажаната медицинска помош беа сместени во хотел. Истрагата на српските власти за утврдување на причините за несреќата се уште е во тек.