СНС прогласи победа во речиси сите градови и општини

Вучиќ, вечерва, откако прогласи победа во повеќето градови и општини, изјави дека Србија сега влегува во нова ера во која владата ќе има отворен мандат за сето она што го барала во однос на реформите

ФОТО: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

На локалните избори што денеска се одржаа во 89 градови и општини во Србија, според првите проценки на ЦеСИД и ИПСОС, листата на СНС има најмногу гласови во Белград, Ниш и во Нови Сад.

Листата „Александар Вучиќ – Белград утре“ освои најмногу гласови на изборите за советници на Град Белград, за кој гласале 52,9  отсто од избирачите, покажува оценката на резултатите од гласањето објавени од ИПСОС и ЦеСИД врз основа на 92,6 проценти од обработените примероци, пренесува државната телевизија „РТС“.

Според овие податоци, изборната листа на движењето „Крени-промени“ освоила 17,5 отсто од гласовите, додека на трето место е опозициската коалиција „Го бираме Белград“, за која гласале 12,3 отсто од избирачите.

На четврто место е листата „Ние сме силата на народот – д-р Бранимир Несторовиќ“ со девет отсто од гласовите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја објави победата на Српската напредна странка на локалните избори.

„Имавме мнозинство во Белград и по декемвриските избори, но сметавме дека тоа не е доволен легитимитет бидејќи некои не сакаа коалиција со нас. Сега наместо 54 мандати ќе имаме 62-63“,

рече Вучиќ.

Вучиќ вели дека во Белград, листата на СНС ќе има 52 отсто, што според него е неверојатна победа.

„Неверојатна победа во Нови Сад. Сакам да му честитам на професорот Туркулов, бидејќи таква победа во Нови Сад, 45 мандати, речиси 53 проценти од гласовите ќе се добијат во Нови Сад“,

додаде претседателот на Србија.

Што се однесува до резултатите во белградските општини, Вучиќ рече дека во две се интересни резултатите, а во другите ќе има мнозинство.

„Го броиме Врачар, но убедливата победа е сигурна“,

рече тој.

Тој истакна дека тоа е особено важно бидејќи „во Нови Сад сите излегоа заедно“.

„Во Ниш, како што очекувавме, беше најтешко, ќе биде 32-29, но во Ниш ќе биде мој предлог да разговараме и да видиме како и на кој начин да се решаваат проблемите во иднина, бидејќи една група граѓани добија 23 проценти, тоа е огромен број гласови и тоа не смееме да го потцениме“,

рече Вучиќ.

Тој додаде дека успеси имаат и во Војводина.

„Нашата листа освои речиси 50 проценти во Суботица, а нашите партнери од СВМ 27. Секаде од Кикинда, Сомбор, Сремска Митровица освоија над 63, 64 проценти“,

додаде тој.

Вучиќ, вечерва, откако прогласи победа во повеќето градови и општини, изјави дека Србија сега влегува во нова ера во која владата ќе има отворен мандат за сето она што го барала во однос на реформите.

„Ни претстои напорна работа и многу проблеми. Како претседател, можам да кажам дека ни претстои ужасно тешко време за кое не сме виновни, а се однесува на надворешнополитичката ситуација. И тоа само ќе биде потешко. Ќе мора да ја заштитиме земјата и мирот, но и слободата“,

рече Вучиќ.

Вучиќ ја повика СНС да им подаде рака на политичките противници бидејќи тие сега ќе имаат „огромно претставување во градовите и општините“.

Пронајдете не на следниве мрежи: