Собранието го донесе ребалансот на Буџетот

Собранието  со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Обезбедени се дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните,1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.
Со ребалансот се обезбедени и 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.
Со ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 отсто од претходно проектираните 3,4 проценти, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5 отсто.

Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците, ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.
-Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет – недоволно испланирани средства за законски предвидени права, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи, обезбедуваме редовна исплата на плати кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември и редовна исплата на пензиите, а го реализираме и нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, исплата на доспеаните обврски без одложување, зашто тоа го бара економијата во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која, како што покажуваат податоците, забележа слаби резултати во првата половина од годината, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека фискалната политика до крајот на годината ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и оддржливо ниво на капитални расходи.
-Целта на овој ребаланс е да најавиме на некој начин и по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период, да креираме буџети во наредните години кои ќе содржат приоритети кои ќе имаат додадена вредност, приоритети кои ќе дадат најдобар ефект за потрошените пари на граѓаните, политики кои ќе не водат напред и кон подобро утре. Притоа, да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација, за постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, посочи Димитриеска-Кочоска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го повторија партискиот став, дека со ребалансот се обезбедуваат средства за плати, пензии, студентски оброк и стипанедии, земјоделски субвенции, средства за општините, за сервисирање на долговите, за спортистите,…
-Ребалансот е обид да ги прераспределиме слабо или нереализираните средства, да го дочекаме крајот на годината во што понормална состојба, подвлекоа пратениците, обвинувајќи ја претходната власт за, како што истакнаа, расипничко трошење на народните пари.
Прв за збор во општата расправа на пленарната седница се јави Димитар Ковачевски кој кажа дека СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот. Пратениците од Европски фронт, пак, ја напуштија седницата зашто беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.
-СДСМ нема да ја одолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен нту еден. Во делот на плати не се обезбедени срдетсва за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во Буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту за покачување на правата за детска заштита, намалени се средствата за ИПАРД програмата, односно за земјоделците, како и средствата за авансна исплата на земјоделските субвенции,…, истакна Ковачевски.
Ги спомна и новите четири министерства кои во тековниот буџет, напомена, немаат можност да исплатат плати на вработените.
-Овој ребаланс е доказ за катаклимизмичкото однесување на претходната влада и за епското крадење од народот. Со него само се обидуваме да ги прераспределиме слабо или нереализираните средства, да го дочекаме крајот на годината во што понормална состојба. Се подготвува нов буџет за 2025 година во кој ќе бидат внесени сите владини приоритети, а во фокусот ќе бидат народот и стопанството. Ќе го покажеме зенитот на однесување на новата политичка елита на која граѓаните и развојот на стопанството и се на прво место. Притоа, средствата ќе бидат наменети, пред се, за капитални инвестиции, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во Буџетот не биле вкалкулирани средства за плати на многу институции, ниту била до крај предвидена сумата за исплата на пензии.
Стојаноски најави дека веќе се подготвува новиот буџет за 2025 година кој ќе покаже, како што нагласи, однесување на сосема нова политичка елита чиј приоритет се граѓаните и стопанството.
За збор се јави и Малиша Станковиќ кој укажа дека Буџетот и ребалансот треба да се разграничат. Тој воедно ги повика сите пратеници да гласаат за ребалансот.
-Не може од ребалансот да очекуваме чуда. Ова е осми месец во кој 71 процент од Буџетот се веќе истрошени. Ние сега само се прилагодуваме на состојбата за до крајот на годината да испливаме од сегашното сценарио. Во овој ребаланс не постои ниту една ставка која значи расипничко трошење, рече Станковиќ.
Халил Снопче истакна дека од ребалансот не може да се очекува чудо, но овој документ, оцени, секако ќе биде основа за Буџетот во 2025 година.
-Наследивме катастрофална состојба, а ребалнот се занимава со нејзино санирање. Неговата главна цел е креирање силна основа за изготувување на Буџетот за 2025 година. Ребалансот не може да биде развоен зашто основната проекција на Буџетот не била развојна. Со ребалансот се обезбедуваат сите средства предвидени со закон, но и средства за онаму каде не беа предвидени. Ќе има средства за вработените на јавната администрација, студентите, пензионерите, за сервисирање на долговите, за општините, земјоделците, спортистите, истакна Снопче, порачувајќи дека Буџетот за 2025 мора да биде развоен, да донесе повеќе пари за инвестиции во науката и за рамномерен регионален развој.
Седницата на која покрај ребалансот има повеќе точки, треба да продолжи утре во 12 часот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.