Собранието го утврди нацртот на амандманот XXXIII

На продолжението на 64. седница Собранието на Република Македонија со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврди нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија. Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.
Според пратениците од владејачкото мнозинство амандманот XXXIII се однесува на името на државата и со него конечно се дефинира името на нашата држава во поширок историски контекст и географската одредница Северна која се додава е практично реално, но и историско решение на дефинирање на модерна држава, која сака своето постоење да го гради на универзални принципи во глобализиран свет.
Пратеникот Панчо Минов, од ГРОМ, рече дека очекувал повеќе од расправата за амандаманот, бидејќи тој претставува суштина на државните и стратешки приоритети на Република Македонија и побара јасно да се дефинира дека промената на името ќе се однесува на насловот и текстот на Уставот, односно нема да има промена на преамбулата, како и дека промената на името ќе биде условена и ќе настапи по нашето членство во НАТО и ЕУ.
– Моето произнесување по овој амандман ќе зависи од произнесувањето по мојот предлог, рече Минов.
Фандил Зендели, од БЕСА, рече дека како опозициска партија го поддржале Преспанскиот договор, за кој ценеле дека е предуслов за нашите стратешки евроатлантски интеграции, иако имале забелешки и сугестии за договорот.
– Прашањето на референдумот согласно законските определби не се исполни. Сега сме во уставни измени, кои од Владата се предложени согласно Преспанскиот договор. Бидејќи уставот не се отвора секој ден, како политички субјект побаравме да се постават и други прашања, како што е јазичната рамноправност и кои ги засегаат меѓуетничките односи, рече Зендели.
Пратеничката Дафина Стојаноска, од ВМРО-ДПМНЕ рече дека договорот е капитулантски и дека со него проблемите нема да завршат, туку само ќе се отворат нови, бидејќи со договорот се става крај на Република Македонија.
– Ниту гласав за отворање на постапката за носење на уставните измени, ниту ќе гласам за носење на овие амандмани. Македонија без грам барут ќе ја снема, изјави Стојаноска.
Во реплика кон опозициските пратеници министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека мисли како да живеат на различни планети.
– Кога влеговме во ОН, нашата куќа почнавме да ја градиме со обврска да го решиме проблемот со Грција. Со копањето назад по антиката, ги изгубивме пријателите. Дали е точно дека нашата држава не го опфаќа целиот регион Македонија, рече Димитров.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.