Собрание или пазар?

Не е првпат, а очигледно нема да биде ни последен. Премиерот Заев повторно го погази својот збор. Денес тој на пратениците во Собранието им понуди амнестија за настаните од 27 април во замена за глас за договорот со Грција, иако претходно беше дециден дека законот мора подеднакво да важи за сите.
Како што истакна Зоран Заев на седницата на која на дневен ред се ставени Уставните измени, а со цел промена на Уставното име, поделбите по партиска линија треба да завршат.
– Еве прилика да си простиме, да кажеме доста е. Да покажеме дека учиме од грешките и дека сме пред се луѓе браќа и сестри, роднини и пријатели. Ајде да почеме од тој, 27 април 2017, прва цел бев јас, а после мене и сите пратеници, пратениците од мнозинството, но и од опозицијата. Сите беа на некој начин можна мета и цел на изманипулирани поединци кои насилно тргнаа кон пратениците. Сега навистина е одлична прилика застанувајќи заедно за Македонија и за иднината на Македонија, за нашите деца и за сите деца кои доаѓаат по нас, да си простиме и да се помириме. Нема подобра можност од ова кога си требаме еден на дриг, кога сме и потребни на државата наша и на нашиот народ. Ајде колеги од десната страна, да подадеме рака на левата страна. Ајде колеги од левата страна да подадеме рака на десната страна. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Да седнеме и да го направиме тоа, јас сум подготвен. Знам дека тоа има цена и подготвен сум да ја платам, политичка е цената, истакна Заев пред пратениците.
На седницата присуствуваат и поранешниот премиер Груевски, Тачи и Ахмети што инаку ретко се случува. Таму се и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а обраќање веќе имаше Илија Димовски кој предложи процедурата за Уставни измени да се прекине, што беше одбиено.
-При составување на ова Собрание, ниту една политичка партија и ниту еден пратеник кој е дел од ова Собрание не даде ветување за промена на Уставот во насока на промена на уставното име на републиката, напротив Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, прецизно и јасно во својата изборна програма напиша дека нема да дозволи промена на Устав во насока на промена на уставото име, додека коалицијата предводена од СДСМ низ говорите на сегашниот премиер Зоран Заев вети дека нема да има промена на Устав. Што значи дека нема изборен легитимитет Собранието да влезе во оваа процедура, нагласи Димовски.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.