Советот на Европа за затворите во Македонија: Неуспешен затворски систем кој сè уште не инвестирал во професионален пристап на управување

Условите во затворот „Идризово“ и натаму се ужасни за стотици затвореници. Претседателот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел вели дека допрва треба да се решат прашањата нагласени во Извештајот на КПТ по посетата во октомври 2023 година во врска со овој и другите затвори во земјата, како што се недостигот на персонал, корупцијата, отсуството на какви било целни активности, лошата здравствена заштита и насилство.

Ова било констатирано на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Мичел и заменик-гувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек, соопштија од Советот на Европа.

Според Советот на Европа, ваквите состојби во затворот не се нови предизвици, туку се показател за „неуспешен затворски систем кој сè уште не инвестирал во професионален пристап на управување“.

Во соопштението се додава дека Мичел на средбата посочил оти македонските власти треба да продолжат со напорите за имплементација на Патоказот за реформи во затворите, подготвен од КПТ, додека Бочек ја истакнал важноста да се обезбеди дека заемот на Банката за реконструкција на затворот „Идризово“ е соодветно и експедитивно реализиран.

– И КПТ и ЦЕБ ја изразија својата посветеност да ги поддржат властите во нивните реформски напори. Како одговор, премиерот изјави дека неговата Влада ја препознава важноста на реформите во затворите како клучна компонента во системот на кривичната правда и дека земјата ќе се придржува до меѓународните обврски. Тој призна дека на затворскиот систем му се потребни поголеми инвестиции – се вели во соопштението.

Советот на Европа информира и дека во разговори со министерот за правда Игор Филков и со директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, претставниците на КПТ и ЦЕБ ја повториле потребата од „воспоставување јасни линии за известување и ефикасен надзор над управувањето во затворската служба“.

Пронајдете не на следниве мрежи: