Со добра излезеност ВМРО-ДПМНЕ може да стигне до 60-61 пратеник

Кога станува збор за изборната единица 4, каде што носител е токму потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, неговите прогнози се дека тие ќе освојат 12 или 13, а СДСМ од 5 до 7 пратеници, во зависност од резултатот на Левица и ЗНАМ

Неблагодарно е да се прогнозира, бројот на пратеници многу ќе зависи од излезеноста, но мислам дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе има убедливо најдобар резултат – смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничката листа во изборната единица 4, Александар Николоски. Според него, иако на моменталните анкети ВМРО-ДПМНЕ се движи помеѓу 55 или 56 пратеници, со добра излезност може да оди и до 60 или 61 мандат.

Николоски вели дека постои реална можност излезеноста да биде над 60 отсто, а во средините со доминантно македонско население да оди и над 65 %.

„Во тој случај мислам дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одат нагоре и тоа експоненцијално – колку поголема излезеност, толку повеќе гласови за ВМРО-ДПМНЕ и тогаш резултатот ќе е тоа што ние го посакуваме и очекуваме, а тоа е можеби и најмногу освоени пратеници за опозиција“,

рече Николоски.

Кога станува збор за изборната единица каде што е носител, негово лично мислење е дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има од 12 до 13 пратеници, додека за коалицијата на СДСМ, бројките се движат од пет до седум мандати во зависност од тоа дали и колку пратеници ќе освојат Левица и ЗНАМ.

„Како што изгледа по анкетите, но и од она што го гледам на терен, (Левица и ЗНАМ, н.з.) се помеѓу нула и еден пратеник. Она што го чувствувам како вибрација кај луѓето е дека има јасно незадоволство од власта и дека ќе се хомогенизираат гласовите кај ВМРО-ДПМНЕ“,

вели Николоски.

На новинарско прашање дали и тој смета дека партијата ќе добие од 300 до 330 илјади гласови, како што пред неколку месеци предвидуваше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, што е многу помалку од времето кога на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше Никола Груевски, тој вели дека сега не треба да се гледа на вкупниот број гласови, туку на бројот на пратеници, поради масовното иселување од земјава.

„Сме имале 430-440 илјади за парламентарни избори, но мислам дека треба да гледаме во број на пратеници зашто, за жал, има големо иселување од Македонија, што по мене е најтажна работа што ни се случува и наша главна задача ќе биде да го запреме тој бран. Секој втор или се исели или сака да се исели, многу тажно е тоа“,

вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан дали можеби на овие избори ќе има најмала излезеност досега, Николоски одговори дека тој мисли оти ќе има огромна излезност, а за клучен доказ ги смета вибрациите кај луѓето.

„Ако ние сакаме да направиме промена, таа промена мора да е на начин што двете главни политички структури во оваа влада, СДСМ и ДУИ, ќе одат во опозиција. Доколку која било од овие две остане на власт, пред сè мислам на ДУИ, тогаш не може да има реални промени и затоа нашата цел е да освоиме најголем можен број пратеници со цел да имаме влада без ДУИ, за да може да направиме целосна реформа на Македонија, да ги поправаме работите коишто се згрешија и секако оние кои треба да одговараат да одговараат“,

смета Николоски.

Пронајдете не на следниве мрежи: