Со Законот за нашите вработени се создава систем за нивно вреднување согласно највисоките стандарди на НАТО, велат од Одбрана

Новото законско решение предвидува зголемен стандард на службениците во одбраната, унапредувања според МЕРИТ системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност, соопштија од ресорното министерство

Со 97 гласа „за“ и ниту еден глас „против“, пратениците денеска го донесоа новиот Закон за вработените во одбраната, кое како што соопштува Министерството за одбрана е прво законско решение со кое вработените од оваа институција ќе бидат вреднувани за својата професионалност, за својата посветеност и за местото кое го имаат во одбранбениот систем.

Фото: МО

Со овој Закон, како што соопштија од Министерството за одбрана, се создава систем за управување со човечки ресурси согласно највисоките стандарди на НАТО.

„Новото законско решение предвидува зголемен стандард на службениците во одбраната, унапредувања според МЕРИТ системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност“,

велат од ресорното министерство.

Согласно новиот Закон, статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80 отсто од десетте најповолни години од пензискиот стаж.

„Предвидена е и можност за вработување без јавен оглас за лица со попреченост. Со одредбите на Законот се внимава и на финансиската стабилност на семејствата на вработените, преку отворање на можност за вработување без јавен оглас за невработен член на семејството на починат вработен во Министерството и припадник на безбедносните сили“,

соопштија од Одбрана.

Законското решение е изработено заедно со претставници на академската заедница, познавачи на одбраната, како и со претставниците на репрезентативниот синдикат и останатите синдикалните организации во одбраната.

Пред еден месец, министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „360 степени“ рече дека замолила во Собранието носењето на законот за вработените во Одбраната да се случи што е можно побрзо.

Според неа, со овој закон се засегнати околу 400 вработени и нивните семејства.

Пронајдете не на следниве мрежи: