СРЕЌНИ МЛАДЕНЦИ: Ова се обичаите за денот на младоста, љубовта и убавината

Празникот на пролетта- 22 март, младите брачни парови го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден, Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.
Именден празнуваат: Младен, Младенка…
Христијански обичај е во првата година од својот брак на 22 март младите да слават Младенци. На тој ден, во црква се носат свеќите од венчавката за да се догорат.
Навечер обично доаѓаат најблиските за да честитаат. Во некои краишта на денешен ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче.
Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.
Празникот на Светите 40 маченици, познат во народот и како Маченици но и Мучејнци, а најчесто како Младенци се држи како тежок празник и тогаш ништо не се работи. На овој ден се вели дека и пилците не правеле седело. Во Разлошко не смееле да фатат гребни, конци, игла или метла за да не гледаат змии. Сепак, во други краишта жените пред сонце ги метеле дворовите за да ги затече чисти сиромашкото лето. Особено жените внимаваат да не месат зашто во текот на летото ќе имаат многу стоногалки во ношвите и на другите места каде што се чуваат лебот и брашното. Во некои места, пак, иако на овој ден не се работи чинело да се калеми. Исто така, мажите прошетувале низ полето да ги видат посевите, да позавршат некои работи и да испијат за адет, 40 чаши ракија. Во Гевгелиско над вратите обесувале коприви, како растение кое ги одбива несреќите. Исто така, утрото луѓето каснувале лук и се намачкувале со него под мишките за да не се потат при работата и змиите да бегаат од нив.


Како период кога се затоплуваат воздухот и земјата во некои краишта се верува дека на овој ден излегуваат змиите од дупките. Интересни обичаи поврзани со култот кон змиите, и со верувањето во нивната исцелителна моќ сè уште се изведуваат во с. Орман кај Скопје. Според записите на повеќемина истражуважи, во минатото Миленко Филиповиќ, во наше време Лепа Спировска и др. во местото Змијарник, кај црквата што го носи името „Свети четириесет маченици“ во близината на селото на овој ден се собира многу народ, не само од ова и соседните села туку од цела Скопска Котлина. Особено доаѓаат лица на кои им се потребни лек и друга магиска помош: болни, жени што немаат деца, девојки што не можат да се омажат или момчиња што не можат да се оженат и сл. Тие, пред дупките од каде што се очекува излегувањето на змиите, ставаат разни нишани, најчесто облека (кошули, џемпери и сл.) и со нетрпение очекуваат змиите да излезат и да поминат преку нишаните. Некои луѓе дури без страв со гола рака ги фаќаат змиите што се обидуваат да ги заобиколат нишаните и ги ставаат врз нив. Се верува дека ако змијата мине преку нишанот и болниот ќе оздрави, жената без деца ќе роди, девојката ќе се омажи, момчето ќе се ожени итн.
Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневница, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.
Денес, многу од овие обичаи се заборавени. Но, сепак, празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.