Чудесни случувања на старецот
Во времето кога старец Пајсиј сè уште живееше во ќелијата на Светиот Крст, една вечер додека ја кажуваше Исусовата Молитва, покривот од неговата ќелија одненадеж бил отстранет и на неговото место јасно го видел Господ.
Неговото лице било толку светло што не можел да издржи непосредно да Го гледа и се чудел како било возможно некогаш некои луѓе да плукаат на Него.
После ова случување, старец Пајсиј ги посоветувал монахињите од манастирот Свети Јован Богослов, лицето на Господа да го сликаат така како што го видел таа ноќ. Цело време додека ја сликале иконата, тој бил покрај нив и ги раководел.
Отец Пајсиј рекол дека лицето на Господ и Богородица имаат боја на зрело жито.
Старец Пајсиј веќе си ископал гроб покрај својата ќелија, Панагуда, и неговите мисли секогаш биле насочени кон денот кога ќе замине од овој минлив свет. Благодарејќи на своето длабоко смирение, постојано се чувствувал неподготвен за ова последно патување. Но, едно видение го исполнило со радост.
Додека се молел, видел дека се наоѓа на место кое потсетува на аеродром, од каде луѓето патуваат на небото. Таму имало многу луѓе и некои меѓу нив биле одредени да проверат дали патниците имаат пасоши и карти за да можат да патуваат. Ако нешто недостасувало, патникот останувал назад во редот.
Кога дошол редот на Старец Пајсиј, сфатил дека ги нема потребните документи. Одеднаш се појавила Пресвета Богородица, облечена во злато како царица. Изгледала како на иконата Пресвета Богородица Ерусалимска. Му се обратила на инспекторите:
„Тој е Мој слуга, пуштете го да помине, зашто Јас ги имам потребните документи“.
Потоа ги извадила документите од Својата наметка и му ги покажала, а потоа ги вратила. Така старец Пајсиј можел да помине.
Старец Пајсиј еднаш ни кажуваше:
„Богородица Марија многу личи на оној лик на иконата на Пресвета Богородица Ерусалимска. Таа е иста таква. Ја имам видено многу пати и не знам ниедна друга икона која толку потсетува на Неа“.
Старец Пајсиј уште еднаш се удостоил со Божествена посета. Во една прилика додека се молел, одненадеж слушнал одек на чекори кои се приближувале низ ходникот од неговата ќелија.
Отишол до вратата и погледнал низ ходникот низ кој се гледала вратата од капелата. Ја видел Пресвета Богородица како чекори како царица. Кога стигнала до вратата од капелата, влегла внатре. Ја следел свети Јован Богослов.
Откако двата влегле во капелата, исчезнале оставајќи зад себе сино – бела светлост, нетварна светлост, додека постепено не избледнела. Душата на отец Пајсиј била преисполнета со благодарност и понизност.
Плачел зашто го посетила Богородица Марија, иако се чувствувал како најгрешен човек на светот.
Во текот на февруари 1979 година Старецот се соочувал со многу тешки проблеми. Еден од монасите, кој често престојувал крај него, можел јасно да ја види неговата тага.
Еден ден отишол да го посети старец Пајсиј, очекувајќи да го види тажен, каков што обично бил тие денови. На негово изненадување, лицето на Старецот изгледало сосема поразлично и светело од радост. На монахот му рекол:
„Бог ја разбра мојата тага и ми го испрати мојот ангел – чувар да ја тргне од мене.
нгелот изгледал како момче облечен во сјајна облека и само што го видов, мојата тага исчезна. Ми рече неколку нешта за кои сега ништо не можам да ти кажам“.
На 13 мај 1979 година старец Пајсиј се преселил од ќелијата Свет Крст во ќелијата Свет Крст на манастирот Кутлумуш, во т.н ќелија Панагуда.
Беше 3 јуни и Старецот само што се пресели во својата нова ќелија. Уште не ги распакувал сите работи и неговите книги, па меѓу нив и Минејот, сè уште се наоѓаа во кутиите. Значи тој не ја знаел точната дата ниту кој светител се прославува тој ден.
Додека се молел со бројаницата и ги повторувал зборовите „Светителу на овој ден, помилуј ме“ се запрашал кој светител се прославува тој ден.
Одеднаш, во капелата се појавиле двајца светители. Едниот излегол напред и на старец Пајсиј не му бил познат. Светителот кој седел назад бил свети Пантелејмон. Старецот секогаш велеше дека на свети Пантелејмон најмногу личи неговата икона од скитот Свети Пантелејмон. Непознатиот светител му се обратил на Старецот:
„Отец, јас сум Лукилијан“.
Старецот не обрнал внимание на името, па прашал:
„Како рече дека се викаш, Лукијан?“
„Не“, одговорил светителот „јас сум Лукилијан“.
После тоа двајцата светители чудесно исчезнале.
Старецот го побарал Минејот и открил чиј помен се слави на 3. јуни. Денот беше посветен на свети Лукилијан. Од тогаш станал посебно приврзан кон овој светител и поставил негова икона во олтарот, веднаш над стасидијата.
Старец Пајсиј на интересен начин ни соопштуваше какви ќе бидат временските прилики.
Отец Давид беше вратар во манастирот Кутлумуш. Кога, некој монах или искушеник, се враќал во манастирот по посетата на старец Пајсиј, овој обично му велел:
„Кажи му на отец Давид да слезе од бадемовото дрво зашто ќе падне снег“.
(Го кажувал тоа затоа што преподобен Давид Солунски се подвизувал на
бадемово дрво и на тој начин се осветил).
По извесно време навистина ќе паднеше снег. Значи знаевме кога да очекуваме снег и да се подготвиме за него.
Во декември 1992 година отец Пајсиј му испрати порака на отец Давид да „слезе од бадемовото дрво“ и „повторно да се качи по Божик“. Сè уште беа празници кога му испрати друга порака „сè уште да не се качува на бадемовото дрво“ туку да чека порака од него.
На празникот свети Антониј (17 јануари) времето беше многу лошо и паѓаше снег. После неколку дена му порача дека „може да се качи на бадемовото дрво“.
Така благодарејќи на отец Давид знаевме кога ќе паѓа снег, зашто старец Пајсиј секогаш точно го информираше.
Едно неделно утро, старец Пајсиј лежел болен в кревет. Тогаш живеел во ќелијата Свет Крст при манастирот Ставроникита и се чувствувал многу исцрпен поради болеста и строгиот пост. Станал од креветот и излегол во градината. Беше многу тажен зашто немал ништо за јадење, со што би се закрепнал.
Во тој момент погледнал кон морето и видел како преку небото лета некоја птица, летајќи право кон неговата ќелија. Личела на орел која носи риба во клунот. Кога ја надлетала неговата ќелија, ја испуштила рибата која паднала пред Старецот.
Старецот отишол право во капелата. Се помолил, случајно да не е ова демонско дело, а потоа ѝ се заблагодарил на Пресвета Богородица за Нејзината грижа и промисла. Подоцна излегол во градината каде ја подготвил рибата, ја изел и донекаде си ја вратил силата.
Ова се случило во времето кога старец Пајсиј живеел во Ивиронскиот скит, на 15. август, значи за време на постот. Поминале осум дена и за тоа време Старецот ништо немал јадено.
Во текот на деветтиот ден на постот еден постар монах го замолил да му помогне да ги пресели своите работи во манастирот. И покрај фактот дека неколку дена ништо немал јадено и се чувствувал многу слабо, отишол да му помогне.
Кога се враќал во својата ќелија осетил исцрпеност и вртоглавица. Одеднаш пред него се појавило момче во сјајна облека (свет ангел), носејќи во рацете кошница со свежо овошје.
Старецот му се заблагодарил, а потоа се прекрстил, зел од овошјето и веднаш се почувствувал подобро.
Момчето во меѓувреме исчезнало. Кога старец Пајсиј забележал дека овошјето е свежо иако не е негова сезона и дека момчето исчезнало, сфатил дека тоа беше свет ангел.
Момче кое со години се исповедало, го посетил отец Атанасиј. Тој, тогаш живеел во кутлумушката ќелија Дионисиј од Фурна во Кареја. Додека разговарале, отец Атанасиј му споменал дека треба да се исповеда зашто тоа ќе му помогне да ги реши своите проблеми. Но, момчето не било уверено во тоа, иако отец Атанасиј ненаметливо настојувал да сфати дека исповедта му е неопходна.
Потоа отец Атанасиј му зборувал за старец Пајсиј. Му рекол дека тоа е современ светител и дека треба да го посети и да слушне што ќе му каже тој.
Отишле да го посетат Старецот. Кога стигнале до неговата ќелија, го виделе како копа во градината и сакал да насади некој зеленчук.
Отец Атанасиј го поздравил и го прашал:
„Старче, што правите?“
Старецот му одговорил, со карактеристична благост на лицето:
„Ете, одлучив да ја исповедам својата градина“.
Отец Атанасиј го прашал:
„Зарем и на градините им треба исповед?“
„Сфатив дека мојата градина ќе создава чуда кога ќе ја исповедам и отстранам сè што е непотребно како што се камења, конзерви, корења и трња, а потоа да додадам малку хумус. Така разбрав дека и мојата градина треба повремено да ја исповедам“.
Оставајќи ја мотиката, ги внесол во ќелијата и ги послужил со слатки.
Кога момчето и отец Атанасиј си заминале, биле многу задоволни од одговорот на Старецот на нивното прашање за исповедта, иако пред тоа ништо не му рекле. Нема потреба да кажеме дека по ова момчето веднаш отишло да се исповеда.
(од книгата Солзи за светот – старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.