“СТОП ЗА ДОМАШНОТО НАСИЛСТВО. ЖИВОТОТ Е МОЈ!“: КАМПАЊА ЗА БОРБА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО

На иницијатива на г-ѓа Билјана Ангелова, сопруга на Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, како дел од кампањата “Стоп за домашното насилство. Животот е МОЈ!“, денес (12.12.2022) во точно 12 часот, на Градскиот плоштад во Скопје и на плоштадите и јавните места низ градовите ширум земјата, втора година по ред ќе се одржи краток собир со кој ќе се означи поддршката на жртвите на семејното насилство. На настанот, како дел од овогодинешната кампања, ќе му претходи и конференција која ќе се одржи во просториите на Општина Чаир, со почеток од 9 часот. Во рамки на конференцијата, ќе се разговара оваа социјална тема и голем општествен проблем, а свое видео-обраќање на оваа тема ќе има и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Со иницијативата, г-ѓа Ангелова потсетува дека за да може една земја успешно да се бори против семејното насилство, потребна е континуирана работа на многу аспекти – од охрабрување на жртвите да се изборат за себеси и своите права и да се оттргнат од насилната средина; Вклученост на широката популација со градење на свесност за темата и препознавање на повикот за помош преку симбол; до функционални Институции кои континуирано ќе работат на превенција и активно ќе бидат вклучени во заштитата и поддршката за жените за нивна реинтеграција во општествениот живот преку психолошко и економско јакнење.

Секоја година сме сведоци на интензивна активна борба против семејното насилство која трае 16 дена. За жал, насилството не е само 16 дена во годината, туку 365 дена – и тоа не само кон жените, туку и кон децата и кон мажите. Ваков е случајот и во Република Северна Македонија, и во Бугарија, и во Косово. Драго ми е што оваа година иницијативата е препознаена од се поголем број институции, авторитети, компании и поединци. На овој начин, со зголемено учество, секој ден, 365 дена, заедно можеме да бидеме дел од промената која сакаме да ја видиме и да ја креираме за идните генерации.“, изјави г-ѓа Билјана Ангелова.

Жртва на домашно насилство може да биде било кој – без разлика на возраст, пол, етницитет, образование, професија, статус. Жртвите најчесто се токму оние кои најмалку ќе помислите дека се жртви, најчесто успешно маскирајќи се и камуфлирајќи се во општеството. Важно е заеднички да работиме на едукација на новите генерации како да го препознаат карактеристичното однесување на насилник уште при првите средби, но и да бидеме поддршка на жртвите – и индивидуално, и институционално. Да ги поттикнеме и да ги охрабриме да престанат да го живеат животот на својот насилник, затоа што животот е нивен.“ – истакна г-ѓа Имране Морина, која оваа година работи заедно со г-ѓа Ангелова на покревање на свеста за оваа тематика.

Собирот кој е планирано да се одржи денес во 12:00 часот е од отворен карактер, а сите заинтересирани лица може да се приклучат и да дадат тивка поддршка на жртвите на семејното насилство преку демонстрација на симболот кој означува барање помош. Оние кои сакаат да изразат поддршка на кампањата, а не се во можност да присуствуваа, истото може да го направат со споделување на фотографија, со симболот или со порака напишана на дланката, во рамки на официјалната Фејсбук група на кампањата, со користење на еден од официјалните хаштагови.

Официјална Фејсбук Група на Кампањата: https://www.facebook.com/groups/430281128660836/

Официјални Хаштагови на кампањата:
[МКД]: #Стопзадомашнотонасилство #ЖивототеМОЈ #СТОПживототеМОЈ

[АЛБ]: #Stopdhunësnëfamilje #Jetaështëeimja #STOPjetaështëeIMJA

[АНГ]: #Stopdomesticviolence #ThelifeisMINE #STOPthelifeisMINE

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.