Студентите во блокадата вечерва соопштија дека ја блокирале зградата на Радио и телевизија на Србија (РТС) и најавија дека блокадата ќе трае 22 часа.
Во објава на Инстаграм студентите изјавија дека на сите вработени ќе им биде дозволено да си заминат, но дека никој нема да влезе додека „РТС не се ослободи“.
Студентите ги поканија граѓаните кои сакаат да остават донации да го сторат тоа на блиските факултети како што се Машинскиот, Правниот и Техничкиот факултет.
На социјалните мрежи ги повикаа граѓаните да им се придружат – „Сите во РТС“.
„Таковска 10, РТС. Сите веднаш. Сега. Операцијата само што започна. РТС. Тоа е на народот“, соопшти блокираниот Факултет за драмски уметности на својот официјален Инстаграм профил. Оттаму додаваат дека само што започнала долго подготвуваната акција „Операција“.
„Вечерва нè нарече толпа водителот на РТС. Затоа вечерва ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упад. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата – но никој нема да влезе“, соопштија од Медицинскиот факултет во Белград.