Тар EP, промоција на деби издание

Канал 103 продолжува во својата мисија за поттикнување, изнедрување и промоција на нова и соврeмена македонска музика. Оваа сабота (8 јуни, со почеток во 21 часот) во клубот Ла Кања во старата скопска чаршија, ќе се одржи промоција на најновата дискографска објава на Стотројка – издавачка куќа зад која стои независното радио Канал 103.

Се работи за дебитантско проширено издание на Кочева, насловено Тар.

Истото содржи четири композиции (Ѕвездени порти, Помеѓу, Сакам да знам, Неон сон) и една бонус трака. Дизајнот на омотот е дело на Ема Велковска.

Во слободно време, Анастасија Кочева, класично школувана пијанистка од Скопје, си игра со Гараж Бенд. Помеѓу вежбањето на Шуберт и Равел и педагошкиот труд, таа наоѓа радост во создавањето нови звуци и ритми. Кочева ја разоткрива интроспективната страна на нејзиното деби издание, создавајќи интимна и атмосферична електронска музика која наоѓа деликатна рамнотежа помеѓу пулсот на подиумот и внатрешното истражување.

Покрај преслушување на изданието, вечерта ќе кулминира со концерт на Will Discuss, семи-импровизациски колаборативен проект на Тодор Караколев, овој пат очигледно, заедно со Кочева. Сето тоа зачинето со пригодни визуелизации на прекрасниот камен ѕид на Чифте Амам.

Изданието е достапно на следниот линк: https://stotrojka.bandcamp.com/album/–3

Во прилог, промо видео за темата Сакам да знам

Овој настан е дел од активностите со кои Канал 103, под мотото Неизбркливи, продолжува со континуирано одбележување на двата големи јубилеи:

33 години Канал 103 и 80 години Радио Скопје.

Почнувајќи од 1ви мај, Стотројка ја објави големата роденденска компилација Најубави, архивското издание KLO – From the Dust, како и Alex Plant – Black is Black, последно издание на македонскиот електронски продуцент кој живее и работи во Виетнам.

Пронајдете не на следниве мрежи: